• среда, 25 декември 2024

Планинар со оштетен вид објави книга со патописи

Планинар со оштетен вид објави книга со патописи
Сплит, 16 јуни 2020 (МИА) - Феручо Лазариќ е планинар со оштетен вид од Хрватска, кој се стреми да му докаже на светот дека попреченоста не мора да биде пречка во животот. Последен негов чекор во таа насока е книгата „Планинарење на слепо“ што тој ја издаде неодамна. - Слепилото е голема попреченост. Јас немам илузии. Но, дури и во таа рамка, човек може да има исполнет живот. Може да се живее со полн здив. Навистина... Патувам многу, планинарам, се дружам со многу луѓе. И, јас пишувам за тоа. Така дојдов до книга од 210 страници и таа требаше само да биде објавена, раскажува 65-годишниот планинар. Феручо Лазариќ живее на хрватскиот полуостров Истра. Тој има искачено и некои планини коишто се тешки и за луѓе без попреченост, како што се Олимп во Грција и Мусала во Бугарија. - Можеби е малку необично, но јас почнав да искачувам планини откако го изгубив видот во четириесеттите години од мојот живот. Претходно скијав и се занимавав со други спортови, како аматер. Со жена ми ги обиколувавме местата каде што одевме на скијање. Ги посетивме цела Словенија и Хрватска, вели Феручо. Меѓу своите пријатели, тој важи за смел, храбар, упорен, но човек со секогаш ведар дух. Сепак, од пред три години, неговата сопруга Иванка има проблеми со 'рбетот и веќе не може да го следи. Но, тоа не е пречка во неговото хоби. - Затоа, се поврзав со планинарските здруженија и сега одам на планинарење со друг придружник, вели Лазариќ. Тој вели дека не е фанатичен љубител на екстремноста и опасностите. - Главно се работи за „обично планинарење“, но се појавуваат можности и за нешто малку поопасно, додава тој. Во книгата се вклучени и написи од негови пријатели - професионални планинари. Според Алан Чаплар, на пример Феручо можеби не може да ги види планините коишто ги искачува, но го чувствува тоа што не се гледа со око.  си/гт/

Остани поврзан