• среда, 27 ноември 2024

Планинарски марш „Бошавска трансверзала“ утре во чест на Илинден 

Планинарски марш „Бошавска трансверзала“ утре во чест на Илинден 

Кавадарци, 1 август 2024 (МИА) - Планинарски марш именуван „Бошавска јужна  трансверзала“, утре по трети пат ќе се реализира во Kавадаречко, во чест на Илинден и селската слава Свети Илија, што се празнува во селото Горна Бошава. Се работи за село во Поткожувјето, оддалечено четириесетина километри од Кавадарци. Ќе се изодат над триесет километри низ планината Кожуф. 

-Организатори на настанот се планинарските друштва „Зелен брег“ и „Орле“ и месната заедница на Горна Бошава. По успешните две изданија, оваа година трансверзалата ќе има измени во стазата. Стартот ќе биде од гевгелиска страна, над месноста „Смрдлива вода“, кај месноста „Шутка“, од каде ќе се тргне и ќе се искачи највисокиот врв на Кожуф, - Зелен брег, висок  2.172 метри надморска височина. Ќе се продолжи кон врвот „Порта“ на  2.097 метри, па преку месностите  Гладница, Сувата река, Бошавската Орница, Глогово, ќе се  пристигне во Горна Бошава, појасни за МИА, искусниот планинар Дарко Најдов, активист за заштита на животната средина, кавадарчанец по потекло од ова село. 

Тој соопшти дека во трансверзалата, покрај планинари учествуваат и велосипедисти. 

-Во текот на акцијата, сите учесници ќе бидат сведоци на голем број на  природни убавини со кои располага Кожуф планина. Врвовите од преку 2.000 метри, предели на шума, ладна планинска вода, растенијата и ливадите, вкусот на преубавите  и незаменливи шумски јагоди и боровинки ќе ни ја комплетираат и така убавата планинарска реална приказна, подвлече тој. 

Најдов информираше дека по пристигнувањето на планинарите, ќе ги очекува планинарско гравче со колбаси, ќе има и музичка програма како неизоставен дел од селската слава. Дел од планинарите и велосипедистите, ноќта кон 3 август,  ќе останат и ќе кампуваат во селото. свд/вј/

Фото: Дарко Најдов

Остани поврзан