Плакети од градоначалникот Коњановски за македонските ракометни репрезентативци од Битола
- Градоначалникот на Општина Битола,Тони Коњановски во придружба на секретарот Борче Димитровски приреди прием за македонските ракометни репрезентативци, членови на РК „Еурофарм Пелистер“.

Битола, 9 февруари 2025 (МИА) - Градоначалникот на Општина Битола,Тони Коњановски во придружба на секретарот Борче Димитровски приреди прием за македонските ракометни репрезентативци, членови на РК „Еурофарм Пелистер“.
Битолските ракометари предводени од капитенот Филип Кузмановски на средбата со градоначалникот Коњановски споделија импресии од неодамнешното учество на македонската машка ракометна репрезентација на Светското првенство во ракомет што се одржа во Хрватска, Данска и Норвешка.
-Честитам за добрата ракометна игра со која како репрезентативци ја претставувавте Македонија. Со вашиот настап го потврдивте спортскиот напредок на ракометна Битола. Ви благодарам, што бевте дел од една силна екипа, која со својата храброст и тактичност се избори за пласман на Светското првенство, деветто во нашата историја. Вие сте наша гордост, а вашите достигнувања се резултат на долга и напорна работа, истакна Коњановски и додели плакети за особен придонес во ракометната репрезентација на Македонија на ракометарите Филип Кузмановски, Петар Атанасијевиќ, Павле Атанасијевиќ, Жарко Пешевски, Ненад Костески и Никола Митревски.
За време на приемот на македонските ракометни репрезентативци, градоначалникот Коњановски искажа јавна благодарност и до битолските ракометари Иван Галевски и Валентин Карасманакис, кои го носеа дресот на државната репрезентација, а во моментов настапуваат во РК „Алкалоид“-Скопје.мт/фф/
Фото: МИА