Пит Хегсет нема да присуствува на состанокот на Контакт групата за Украина
- Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет нема да присуствува на денешниот состанок на Контакт групата за одбрана на Украина, која обединува околу 51 држава, објавија локални медиуми.
Вашингтон, 15 април 2026 (МИА) - Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет нема да присуствува на денешниот состанок на Контакт групата за одбрана на Украина, која обединува околу 51 држава, објавија локални медиуми.
Неговото отсуство би ги направило САД една од ретките земји што нема да испратат висок цивилен претставник за одбрана на состанокот на сојузниците на Киев.
Наместо него, високиот функционер на Пентагон за политика, Елбриџ Колби, ќе учествува на виртуелната сесија, како и на претходниот состанок во февруари, според двајца американски претставници кои зборувале под услов на анонимност, пренесува „Политико“.
Хегсет во изминатата година присуствувал на состаноците само повремено, што ги одразува променливите приоритети на администрацијата на Доналд Трамп и нејзиниот став дека Европа треба да преземе поголема одговорност за снабдувањето на Киев со оружје.
Се очекува повеќе од 50 министри за одбрана од земјите што ја поддржуваат Украина да учествуваат на денешниот виртуелен состанок.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус и британскиот министер за одбрана Џон Хили ќе претседаваат со седницата, откако ја презедоа координацијата на групата по повлекувањето на администрацијата на Трамп од водечката улога.
Врховниот воен командант на НАТО, американскиот генерал Алексус Гринкевич, нема да присуствува. Неговиот заменик, главниот маршал на британското воено воздухопловство сер Џони Стрингер, заедно со германскиот генерал-мајор Улф Хауслер, ќе учествуваат онлајн. ссм/јт/
фото: архива