• понеделник, 23 декември 2024

ПИНА: Над 80 проценти од 100 анкетирани новинарки се соочиле со онлајн вознемирување

ПИНА: Над 80 проценти од 100 анкетирани новинарки се соочиле со онлајн вознемирување
Скопје, 23 септември 2022 (МИА) - Над 80 проценти од преку 100 анкетирани новинарки во земјава се соочиле со некаква форма на онлајн вознемирување. Вознемирувањето се појавува во различни форми, од вознемирувачки пораки, закани до онлајн булинг, покажува анализата на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА, која вечерва во Кинотека на Северна Македонија го промовираше документарниот филм „Опасна мрежа“. - Има повеќе загрижувачки податоци коишто се дел од анализата. Еден од нив е дека новинарките не сакаат да пријават, тие генерално кажуваат дека не пријавуваат во институциите. Причините за тоа се различни, од недоверба дека нешто ќе се направи или ќе се преземе, изјави за МИА претседателката на ПИНА, Кристина Озимец. Вознемирувањето во најголема мера, додава таа, се појавувало поради нивни текстови. Од една страна, новинарките ова го доживуваат поради тоа што се жени, а од друга страна поради нивната критичка работа. - Треба да се погледне целата анализа и мислам дека тука има податоци за коишто треба и ние како фела да преземеме повеќе мерки и активности за да видиме што може да се направи, но и да бараме институциите посериозно да го сфатат овој проблем, посочува Озимец. За подготовка на документарниот филм анкетирани се над 100 новинарки кои се активни во медиумската сцена. Филмот е анализа за онлајн вознемирувањето на новинарките во земјава, поддржан од Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Проекцијата на филмот беше проследена со дискусија и воедно се презентираше публикацијата „Од нормализација до самоцензура – анализа на онлајн вознемирувањето врз новинарките во Северна Македонија“. Филмот беше презентиран во рамки на Медиумскиот фестивал Скопје. Ова е шесто издание на тридневниот медиумски настан на фестивалот кој ќе трае до утре. Се реализираат разни дискусии посветени на најразлични теми важни за новинарството и медиумите, работилници за новинари, за филмски работници, за младата публика, за жените и генерално за граѓанското општество, а се изработуваат и филмови на најразлични теми. сх/бак/      

Остани поврзан