• вторник, 24 декември 2024

Печалбарите ги живнаа и уличните чистачи на чевли  

Печалбарите ги живнаа и уличните чистачи на чевли  
Кичево 7 август 2021 (МИА) - Најдобрата заработувачка уличните чистачи на чевли во Кичево ја имаат во месеците јули, август и декември, кога во земјава престојуваат поголемиот дел печалбари родум од овој крај и кога за овие занаетчии е периодот на најдобра заработувачка, која е поголема отколку во преостанатите девет месеци заедно, кога печалбарите не се во земјава. По минатогодишната криза и отсуството на печалбарите од земјава, летово тие пристигнаа во голем број, што благодетно се одрази и врз заработката на чистачите на чевли во градот. - Секогаш во месеците јули и август и дел во декември ја имаме најдобрата заработувачка, кога имаме и најмногу работа. Во овие два месеци и околу Нова година, кога печалбарите се тука, заработувачката е поголема отколку во преостанатите девет месеци заедно. Печалбарите се многу педантни луѓе и по примерот на запад во секоја прилика сакаат да имаат чисти чевли и ако треба и по двапати на ден ќе нѐ посетат само да изгледаат беспрекорно. Згора на тоа се и многу дарежливи и често се случува ако ги потсетите колку чини едно чистење на чевли, тие ќе ви остават двојно повеќе пари од цената на чинење. Со жителите кои постојано се во градот, тоа никогаш не се случува, вели најстариот чистач на чевли во земјава, Демо Мамудоски, кој повеќе од 80 години се занимава со оваа работа а започнал да се занимава со чистење на чевли на свои 10 години, пред Втората светска војна. Ако за печалбарите има високо мислење, за граѓаните кои се постојано тука, потенцира дека немаат навика ниту желба редовно да ги чистат чевлите. - Во месеците без печалбари ретко кога имаме работа. Редовните муштерии се во многу мал број, или се тоа пензионери кои претходно работеле на запад или граѓани кои ги негуваат овие навики. Малубројните граѓани кои држат до себе и секогаш сакаат да бидат беспрекорни во својот изглед речиси и да ги нема. Но, мора да се помириме со фактот дека сепак постојаните жители не се и финансиски добростоечки како печалбарите и тука можеби лежи причината зошто почесто не ги чистат чевлите кај нас, додава Мамудоски. Тој најави дека ќе го гледаме на улица сѐ дотогаш додека го служи здравјето и, денес со своите 92 години, одлично се чувствува и не смета дека треба да седи само дома. Негова проценка е дека досега има исчистено над 500 000 пара чевли. за/ар/

Остани поврзан