• петок, 05 декември 2025

Пехчево подготвено за Фестивалот на дувачки оркестри 2025 и Етно саемот ,,Пехчевски Павловден"

Пехчево подготвено за Фестивалот на дувачки оркестри 2025 и Етно саемот ,,Пехчевски Павловден

Пехчево, 11 јули 2025 (МИА) – Со настап на „Кверкус Бенд“ и познатите „Џамбо Агушеви“ и „Дејан Петровиќ Биг Бенд“ од Србија, вечерва во Пехчево почнува традиционалниот Фестивал на дувачки оркестри, што ќе се одржува до недела, паралелно со Етно саемот „Пехчевски Павловден“.  

Програмата започнува во 20 часот со официјално отворање на фестивалот и Етно саемот.

- Во рамки на фестивалот следуваат настапи на повеќе регионални и интернационални музички состави, меѓу кои и диџеј сетови до раните утрински часови.  Во сабота, вториот ден од фестивалот, публиката ќе ужива во детскиот музички фестивал „Поточиња 2025“, како и во настапите на оркестрите од Србија предводени од Владимир Ивановиќ и Даниела Веселиновиќ, како и Brass Brothers.  Третиот ден е резервиран за културно-уметнички настапи на фолклорни ансамбли од Македонија и Бугарија, меѓу кои КУД „Димитар Беровски“ од Берово, „Искрици“ од Благоевград и ФА „Љупчо Сантов“ од Оризари, како и за традиционален црковен ручек, информираа од Општината.

Градоначалникот на Општина Пехчево, Александар Китански информираше дека за време на фестивалот, паркингот во централното градско подрачје ќе биде затворен поради поставување на панаѓурски содржини. 

- Затворањето е неопходно за нормално одвивање на сите активности во рамки на фестивалот и панаѓурот, истакна Китански.

Бината со професионално озвучување и осветлување веќе е поставена, а угостителските објекти се подготвуваат со поставување шанкови и маси каде ќе се служи традиционална храна препознатлива за Пехчево. вс/бак/


Фото: Општина Пехчево

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан