• сабота, 21 декември 2024

Пет лица загинаа во рускиот напад на пунктот за хуманитарна помош

Пет лица загинаа во рускиот напад на пунктот за хуманитарна помош

Киев, 10 јули 2023 (МИА) - Пет лица загинаа во руски напад на пункт за дистрибуција на хуманитарна помош во југоисточна Украина, а уште две лица загинаа во руско гранатирање во источниот дел на земјата, објавија британските медиуми, повикувајќи се на украинските власти.

Гувернерот на регионот Запорожје Јуриј Малашко, изјави дека во вчерашниот напад на училишна зграда, каде што се наоѓала станицата за хуманитарна помош, била употребена воздушна бомба со наведување. Утрово тој на каналот Телеграм напиша дека починале три жени и еден маж. Подоцна денеска Малашко додаде дека телото на петтата жртва, маж е извадено од урнатините.

-Единаесет лица се повредени во нападот и се хоспитализирани, додаде тој.

Службите за итни случаи соопштија дека стравуваат дека три лица се уште се заробени под урнатините.

Украинското обвинителство ќе испитува дали станува збор за воено злосторство. Оттаму соопштија дека при руско гранатирање на селото Гостре и на градот Авдеевка во Доњецката област загинале две лица, а тројца се ранети.

Русија негира дека намерно гаѓала цивили. Украинските вооружени сили спроведуваат контраофанзива за враќање на територијата окупирана од Русија во регионот Запорожје. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан