• петок, 23 јануари 2026

Пет дена по смртта на понежниот Константин, на 23 јануари 1862 г. во занданата во Истанбул умира и брат му Димитрија

Пет дена по смртта на понежниот Константин, на 23 јануари 1862 г. во занданата во Истанбул умира и брат му Димитрија

Скопје, 23 јануари 2026, (МИА) - Далеку од родната Струга, само пет дена по смртта на помладиот брат Константин, во Цариград починал и македонскиот преродбеник Димитар Миладинов.

Тој починал на денешен ден во 1862 година во Цариград, каде што бил затворен. Димитрија Миладинов е македонски народен преродбеник, поет, учител, публицист и научник.

Постои одредена забуна за датумот на смртта на Димитар Миладимов. Така, во Македонската енциклопедија од 2008 г., која беше публикувана, па повлечена, стои дека Димитар Миладинов умрел на 11 јануари 1862 г. Но, во истата Енциклопедија како датум на смртта на брат му Константин Миладинов стои датумот 18 јануари 1862 г. иако е познато дека Димитар умрел по Константнин. 

Од друга страна, во учебникот по македонски јазик за 8 одделение, чии автори се Снежана Велкова и Соња Јовановска, а рецензенти д-р Гоце Цветановски, научен соработник, Стојка Даскаловска, професор по македонски јазик, и Катица Стојчевска, професор по македонски јазик, одобрен во 2010 г., стои: 

„Обајцата браќа ја нашле својата смрт во занданата. Умреле речиси во исто време во растојание од неколку дни. Првин понежниот Константин, а по неколку дни, и Димитрија - во 1862 г“.

Поаѓајќи од овој заклучок, дека прв умрел Константин, а датумот е неоспорен - 18 јануари, и ние ќе земеме дека датумот на смртта на Димитрија е 23 јануари 1862 година, а не 11 јануари како што стои во повлечената Енциклопедија.  

Бил собирач на народни умотворби и основач на македонската етнографија. Неговата поезија е со изразит лирски темперамент, а неговото творештво се состои од неколку лирски целини. Заедно со својот помлад брат Константин водел организирана борба против хеленизацијата.

 

Димитар Миладинов е роден во Струга 1810 година. Со помладиот брат Константин, кој починал на 18 јануари 1862 година во Цариград, во полициската болница, се родени во семејството на грнчарот Ристе Миладинов и сопругата Султана Миладинова, од осумте деца, шест сина(Димитар, Тане, Наум, Мате, Апостол и Константин) и две ќерки Ана и Крста.
Браќата основно училиште завршиле во Струга, а подоцна и гимназија во Јанина, денешна Грција.

Средниот брат Наум Миладинов ја завршил Духовната академија на патријаршискиот универзитет „Халки“ во Цариград и дипломирал на отсекот музика и граматика. Наум во 1843 година напишал учебник по музика, прв од таков вид во Македониjа, а при собирањето на народните песни тој ги запишувал со нотни записи, ги мелографирал, па така тој е нашиот прв музичар и мелограф.

Најмалиот брат, Константин, дипломирал 1852 година на Филозофскиот факултет во Атина, отсек грчка филологија.

Со диплома на учители браќата се вратиле во родниот крај, каде што учителствувале во повеќе места. Во училиштето во Охрид, Димитар Миладинов се сретнал со познатиот руски научник, славистот Виктор Иванович Григорович. Оваа средба била пресудна Миладиновци да почнат да се занимаваат и со собирачката дејност - собирање и запишување македонски народни песни и други умотворби, кои подоцна ги отпечатиле во еден голем Зборник. Во таа дејност се вклучил и средниот брат Наум Миладинов.

Во тој период Македонија била дел од Отоманската Империја. Освен тешкото турско ропство, на народот во Македониjа му се заканувала и денационализација и елинизација преку елинското просветување и црквата, кои биле во власта на грчката Цариградска патријаршија.

Димитар Миладинов често доаѓал во судир со гркоманите во Битола, а по еден таков судир со битолскиот митрополит Венедикт, тој ги напуштил Битола и Македонија. Димитар притоа работи како учител во влашкото училиште во влашкото село Трново во близина на Битола наследувајќи го деда сѝ. Во Сремски Карловци и Нови Сад имал можност да се запознае со животот на Србите под австро-унгарска власт, каде што уживале потполна културна автономија. Подоцна заминал во Белград. При престојот во овие краишта тој се запознал со идеите на пансловенизмот и Илирското движење, кои во потполност ги прифатил како свои. При крајот на 1856 година Димитар Миладинов се вратил во Струга и го испратил братот Константин во Русија да студира словенска филологија на Филозофскиот факултет при Императорскиот универзитет во Москва.

Имајќи го собраниот материјал од народни умотворби, Константин целосно се ангажирал во реализирање на идејата за нивно печатење. Работејќи на редактирање на песните и другите народни умотворби и нивно подготвување за Зборникот, Константин и самиот почнал да пишува поезија. Поетското творештво на Константин Миладинов, иако скромно, само петнаесет песни, го става на пиедесталот на македонската нова литература како основоположник на македонската уметничка поезија. Со песната „Т’га за југ“, која има 70 препеви на 42 јазици, секоја година се отвораат Струшките вечери на поезијата.

Суровата руска зима и бедниот живот штетно се одразиле врз здравјето на Константин, па во 1859 година тој заболел од туберкулоза. Покрај подмолната и тешка болест, Константин го разочарал и неуспехот во настојувањата да се испечати Зборникот од народни умотворби. Основната причина за непечатењето на Зборникот во Москва е судирот на Миладиновци со Цариградската патријаршија во екот на преродбенската борба.

Во јуни 1860 година, не довршувајќи ги студиите, Константин Миладинов ја напуштил Москва. На пат за дома, во Виена, се сретнал со хрватскиот епископ Јосип Јурај Штросмајер, поглаварот на Хрватската католичка црква, со кого контактирал уште од Москва пишувајќи му за намерите за печатење на Зборникот. При оваа средба бискупот Штросмаер прифатил да го финансира печатењето на Зборникот.

Константин, пресреќен што животната цел, негова и на брат му, е исполнета, зел неколку примероци од Зборникот и во средината на јули 1861 година го напуштил Загреб тргнувајќи за родниот крај. Патем се задржал во Белград, каде што дознал дека брат му Димитар веќе половина година чемрее во турските затвори.

Така, наместо за Струга, тргнал директно за Цариград и никогаш повеќе не го видел родниот крај. Набргу по пристигнувањето во Цариград, и Константин бил фатен и затворен во цариградските зандани.

Обвинети како шпиони против кои, според изјавата на официјалните турски власти, се подготвува судски процес, браќата Миладиновци умреле во цариградските затвори во 1862 година под засега неразјаснети околности.

(Подготвил: Д. Г.)

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан