• вторник, 28 јануари 2025

Петта зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ

Петта зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ

Скопје, 27 јануари 2025 (МИА)  – Македонисти од 18 земји од светот ќе учествуваат на Петтата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје која се одржува онлајн од денеска до 1 февруари. 

Како што информира УКИМ, учесници се македонисти од  Австралија, Албанија, Бугарија, Италија, Монголија, Кина, Полска, Романија, Русија, САД, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Украина, Унгарија, Хрватска и Чешка.

На Петтата зимска школа ќе се одбележи осумдесетгодишниот јубилеј на македонската азбука и македонскиот правопис и ќе се чествуваат годишнини за - Григор Прличев и Константин Миладинов (195 години од раѓањето),  Анте Поповски (70 години од првата стихозбирка), Ташко Георгиевски и Живко Чинго (90 години од раѓањето).

Семинаристите ќе работат во две секции: македонски јазик (на три рамништа: почетно, средно и напреднато) и македонска литература и култура (со преведувачка работилница за поезијата на Анте Поповски, од која ќе се објави зборник „Анте Поповски – на океан од јазици“).

-На отворањето ќе се обратат претседателката на Северна Македонија Гордана Сиљановска-Давкова, којашто е покровител на школите на Семинарот, ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Кристина Николовска. Ректорката на УКИМ, по повод одржувањето на Школата, наведе дека е од исклучителна важност големиот интерес за изучувањето на македонскиот јазик, со што се негува неговото постоење и се афирмира во светски рамки, информира Скопскиот универзитет. 

Меѓународниот семинар при УКИМ досега има одржано 57 летни школи и четири зимски школи, со над 4300 учесници од повеќе од 60 земји во светот, еминентни македонисти, филолози, слависти, балканолози, професори, научни работници, студенти по македонски јазик, литература и култура на странските универзитети, преведувачи и афирматори на македонистиката.

-Меѓународниот семинар при УКИМ развива дејност на 11 лекторати по македонистика во девет земји на странските универзитети, каде е забележен голем интерес од страна на студентите, се наведува во соопштението на УКИМ. хс/цр/

Фото: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“- Скопје

Остани поврзан