• сабота, 23 ноември 2024

Петровска: Соработка меѓу НАТО и ЕУ за Украина е доказ за одлучноста за заштита на стабилноста и на меѓународниот поредок

Петровска: Соработка меѓу НАТО и ЕУ за Украина е доказ за одлучноста за заштита на стабилноста и на меѓународниот поредок
Скопје, 27 октомври 2022 (МИА) - Надворешната политика на земјава е целосно усогласена со надворешната и безбедносна политика на Европската Унија, што е исклучително важен инструмент на унификација и инструмент за интензивен политички дијалог со Унијата, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната средба со претставници на Делегацијата на ЕУ и Европската служба за надворешна политика, предводени од заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ, Хулиан Васало и раководителот на дивизија во Европската служба, Рори Дом. Како што соопшти Министерството за одбрана, Петровска истакна дека силната соработка помеѓу НАТО и Европската Унија во контекст на руската агресија врз Украина, е јасен приказ на кохезијата и одлучноста да се заштити стабилноста на евроатлантската област и меѓународниот поредок базиран на принципи и правила. Петровска се осврна и на македонскиот придонес кон регионалната стабилност преку учество во мисиите и операциите на Унијата, како и учеството на Армијата во борбената група на Унијата ХЕЛБРОК во првата половина на 2023 година, предводена од Грција. - Северна Македонија има клучна улога во зацврстувањето на мирот и стабилноста и преку учеството во мисии и операции на Унијата, а пример за тоа е учеството на 33 армиски припадници во операцијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, ЕУФОР - АЛТЕА, како и учеството на армиски офицери во тренинг мисијата на Унијата во Централноафриканската Република, истакна Петровска. Министерката порача дека членството на Северна Македонија во НАТО е комплементарно со нашата интензивна соработка со ЕУ и нашата стратегиска цел - ефикасен пристапен процес и што е можно поскоро полноправно членство во Унијата. На состанокот стана збор и за зацврстување на соработката, имајќи ја предвид веќе воспоставената комуникација со Европската одбранбена агенција, особено во контекст на копнените сили, логистиката и комуникациско-информациските системи. Се разговараше и за можностите за развој на капацитетите со поддршка од Европската служба, со цел подобра подготвеност за придонес во операциите и мисиите на Унијата, со што ќе се зацврсти и стабилноста на регионот и пошироката област. дма/сп/

Остани поврзан