• сабота, 16 ноември 2024

Петровска: Како што ветивме, го декласифициравме видот на опремата која е донирана на Украина

Петровска: Како што ветивме, го декласифициравме видот на опремата која е донирана на Украина

Скопје, 15 март 2023 (МИА) - Министерката за одбрана Славјанка Петровска информираше дека е исполнето ветувањето дадено пред јавноста и дека вчера е извршена делумна декласификација на одлуките за донација на воена помош и опрема на Украина.

Во гостување синоќа во емисијата Клик Плус на ТВ 21, како што соопштија од Министерството за одбрана, Петровска информираше дека декласификацијата се однесува на видот на опрема која е донирана со шест одлуки за донација на воена помош за Украина.

 -Донациите се состојат во пешадиско вооружување и муниција, артилерска опрема, тенкови, коишто веќе еднаш ги потврдивме, воздухоплови или познатите авиони Сухои, средства и опрема за водење на противоклопна борба, опрема за противвоздушна одбрана, опрема и муниција на военото воздухопловство, како и интендантски материјални средства, подвлече Петровска.

На прашањето дали станува збор за нова опрема, министерката за одбрана истакна дека тоа е опрема од источно производство и дека истата не била дел од формацијата на Армијата.

-Она што е особено важно е дека таа не претставува дел од формацијата на Армијата, односно не придонесува за гарантирање за борбената готовност на нашата Армија. Односно со донирањето на сета претходно донирана опрема, вклучително и она што денеска го дониравме, не се нарушува борбената готовност на нашата Армија. Тоа е она што на пример, на почеток е важно при носењето на секоја таква одлука и се разбира дека и во иднина доколку се појави потреба и доколку се побара од нас да донираме нешто кое го поседуваме, а не е дел од формацијата, односно борбената готовност на Армијата, и во иднина ќе донесеме таква одлука, истакна Петровска.

Во однос на посетата на Украина, министерката Петровска посведочи за огромните уништувања на цивилната инфраструктура, за уништените училишта, градинки и домови, но и за желбата, енергијата и оптимизмот кај украинскиот народ и власти да не се предаваат.

-Две поделени чувства имав – прво огорченост и вознемиреност и тага од тоа што го видов таму. Не е сеедно кога ги гледате фотографиите, снимките, но кога ќе отидете на лице место кога ќе видите дека биле нападнати и целосно уништени градинки, училишта, домови и тн, инфраструктура, не зборувам за воена туку за цивилна. Но од друга страна се воодушевив од желбата, енергијата и оптимизмот на украинскиот народ и украинските власти дека не се предаваат. Треба да имаме едно предвид – Украина е нападната држава, Украина има право и обврска да ја одбрани сопствената територија. Уште колку ќе трае војната беше прашање кое беше поставувано од самиот почеток. Дали војната ќе заврши брзо е прашање кое треба да го одговори тој што нападна, зашто Украина не може прва да престане кога таа се брани, истакна Петровска. вг/

 

Фото: Министерство за одбрана

Остани поврзан