• сабота, 16 ноември 2024

Петличковски: Од понеделник ќе се прави скрининг-тестирање за имунитет на КОВИД-19

Петличковски: Од понеделник ќе се прави скрининг-тестирање за имунитет на КОВИД-19
Скопје, 10 февруари 2022 (МИА) - Претседателот на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски најави дека од понеделник ќе почне скрининг-тестирање по случаен избор кое треба да покаже дали и каков имунитет на КОВИД-19 има населението во земјава. Тоа, рече, ќе помогне во планирањето на идните активности и на Комисијата и на државата. Едно вакво тестирање беше направено пред една година и тоа покажа дека околу 30 отсто од испитаниците биле серопозитивни односно имаме некаков имунитет. -Тоа истражување го правевме пред една година. Сега тестирањето ќе го почнеме од понеделник и ако не собереме доволен број испитаници ќе го продолжиме и за следната недела. Очекуваме да дознаеме во овој момент, една година после првото истражување, каква е серопреваленцата односно колку од тестираните луѓе имаат некаков имунитет, рече Петличковски во гостување во дневникот на ТВ Сител. Тој додаде дека тестирањето се планира да се прави на примерок од 1000 испитаници во Скопје, но најави дека има можност и да се прошири во целата земја. -Ова го планираме за Град Скопје, но има можност, денеска разговарав со министерот за здравство, да го прошириме и на Македонија за да добиеме пореални податоци за имунизацијата во овој момент. Точно пред една година кога го правевме испитувањето немаше достапни вакцини и тие триесеттина отсто серопозитивни се должеа исклучиво на прележана болест. Сега има многу повеќе прележани и вакцинирани, така што ќе добиеме некаква насока, рече претседателот на Комисијата. Со илјада испитаници од Скопје или две до три илјади од земјава, нагласи Петличковски, нема да имаме најпрецизни податоци, но, ќе имаме патоказ на каде се движиме, а тоа, нагласи, ни е неопходно за да може да ги планираме следните мерки како Комисија и како држава. сст/дма/  

Остани поврзан