• понеделник, 23 декември 2024

Петличковски: Засега нема потреба од нови рестриктивни мерки, треба да се подготвуваме за есента

Петличковски: Засега нема потреба од нови рестриктивни мерки, треба да се подготвуваме за есента
Скопје, 8 август 2022 (МИА) – Со моменталната ковид-ситуација нема потреба од нови рестриктивни мерки, последните препораки за задолжително носење на маски во болници, аптеки, јавен превоз и старечки домови засега се доволни, изјави претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски. Тој во вечерашното гостување во емисијата „Жешко столче“ на Канал 5, беше дециден дека според моменталната ситуција со околу 170 хоспитализирани со Ковид-19 во болниците, од кои 20 во Инфективната клиника и ниту еден со тешка клиничка слика, рестриктивните мерки треба да се чуваат за кога ќе бидат потребни. Сепак, бидејќи, како што истакна, вирусот изненадува и се враќа со нови верзии, сериозно ќе се размислува за отворање на прашањето за планирање на есента. - Вирусот не изненади со појава на нова верзија која уште полесно се шири и има прилично ефикасен начин да го избегне веќе стекнатиот имунитет. Во моментот во Австралија е најсериозна ситуацијата  бидејќи таму е дојдена есента и во овој бран истовремено со омикронот се појавува и грип. Ситуацијата е комплексна и има прилично голем притисок врз установите и затоа сметаме дека треба малку посериозно да го отвориме  прашањето за планирање на нашата есен во прв ред заради грипот и недоволната вакцинација која можеби ќе ни прави проблем наесен, оцени Петличковски. Не ја исклучи и можноста за враќање на маските во училиштата, доколку се појави потреба за тоа.. Според него, се чини дека се приближуваме до пикот на овој ковид-бран кој ќе трае неколку недели. -Потоа се очекува бројот на инфицирани да се намалува. Ќе ги видиме и бројките од неделава, но се чини дека го достигнуваме плафонот, појасни Петличковски. Во врска со колективниот имунитет, рече дека имаме остварено солидно ниво, како и во целиот свет. Но, порача дека тоа не значи гаранција за неинфицирање. - Некои повеќепати прележале, 50 проценти од населението се вакцинирани. Лицата со хибриден-комбиниран имунитет се најзаштитени од нови инфекции и тежок тек на болеста и затоа нема голем притисок врз здравствените установи, информира Петличковски. За протоколите и новите начини за лекување, рече дека тие само се прилагодуваат на новите верзии. Во врска со мајмунските сипаници, Петличковски кажа дека досега кај нас не е регистриран ниту еден случај и не очекува оваа болест да стане проблем како што е короната. Посочи дека во земјава има тестови за мајмунски сипаници. Веќе е достапна и вакцина, авторизирана од ЕМА, но масовна вакцинација не се планира. - Проширувањето не оди така брзо како што на почетокот се плашевме, веројатно изгорени од короната. Се одвива пренесување во одредени групи. Вакцините во цел свет се препорачуваат за тие ризичните групи, со ризични контакти. Не се предвидува во моментов никаде масовна имунизација, рече претседателот на Комисијата за заразни болести.свс/са/

Остани поврзан