• вторник, 24 декември 2024

Петковиќ: Нашите служби ја утврдија вистинската намера на Курти, сакаат да им подметнат оружје на Србите

Петковиќ: Нашите служби ја утврдија вистинската намера на Курти, сакаат да им подметнат оружје на Србите

Белград, 24 јуни 2023 (МИА) - Директорот на владината Канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ на вонредна прес конференција изјави дека „српските служби ги откриле намерите на институциите на Приштина“, дека во тек е „општа информативна војна“ со намера да и се наштети на Србија, да се спречи какво било продолжување на дијалогот и најави „интензивни средби на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и војската“, и обраќање на Вучиќ на јавноста во рок од 24 часа, јави дописникот на МИА од Белград.

-Синоќа во 19 часот и 40 минути голем број членови на Роса упаднаа во населбата Колонија во Звечан. Еден час подоцна Свечија објави дека е пронајден автомобил со регистарска табличка BG955ЈW и објави дека е пронајдено одредено количество оружје и експлозив и дека Белград стои зад плановите за терористички напади врз граѓаните и институциите на Косово, рече Петковиќ и додаде дека Свечија го нападнал Белград без никакви докази.

„Нашите служби утврдија кои се вистинските намери на Приштина и за тоа информиравме одредени разузнавачки служби и најголемата сила во светот. Ова е доказ кој покажува дека планот на Албин Курти и Приштина бил оружјето што го собрале од луѓе кои немале дозволи, да го подметнат на Србите за да тоа биде причина за нови апсења„, рече Петковиќ.

„БИА (Безбедносно-инфоративната агенција), многу пред синоќешната акција во Звечан, ја информираше најважната разузнавачка служба во светот дека властите во Приштина се подготвуваат претходно запленетото оружје пред Видовден да го подметнат како изговор за нови апсења и напади врз Србите на северот на Косово“ додаде тој.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ во рок од 24 часа ќе и се обрати на јавноста во врска со последните настани на Косово, а во тек се интензивни средби меѓу Вучиќ и воениот врв и дека натамошните одлуки ќе бидат донесени во согласност со развојот на ситуацијата.

-Ќе се бориме да го зачуваме мирот и ќе направиме апсолутно се за да и покажеме на светот и на домашната јавност со какви измами се соочуваме, кои имаат за цел да ја ослабнат Србија и да предизвикаат нови инциденти и да создадат простор за неоправдани апсења на северот на Косово, создавајќи нови кризи и воведувајќи нови конфликти. Зад ова секако стојат големи сили кои им помагаат на Курти и на Приштина, рече Петковиќ. об/сд

Остани поврзан