• сабота, 23 ноември 2024

Песков: Слабее влијанието на САД врз светската економија

Песков: Слабее влијанието на САД врз светската економија

Москва, 1 декември 2023 (МИА) - Русија претпоставува дека санкциите на САД и нивните сојузници против неа ќе траат многу години, но дека влијанието на САД врз светската економија слабее, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Песков го коментираше интервјуто во кое американскиот помошник државен секретар за енергетски ресурси Џефри Пјат за „Фајненшл Тајмс“ кажа дека Вашингтон има за цел до крајот на деценијата да ги преполови приходите на Русија од нафта и гас, пренесоа британските медиуми.

-Не се сомневаме дека овие санкции ќе траат многу години. Дури и без изјавите на почитуваниот (американски) претставник, тоа веќе го знаевме. Тоа го претпоставуваме кога ја формулираме нашата линија, изјави Песков пред новинарите во Москва.

Тој додаде дека Русија, исто така, не се сомнева дека САД ќе продолжат да се обидуваат да вршат притисок врз неа и врз целиот систем на трговски и економски односи, фундаментално уништувајќи го форматот на овие односи.

-Светската економија не е ограничена само на американската економија, нагласи Песков, додавајќи дека Кина се израмнува со САД.

„Според него, светот е многу поразновиден од САД, американско-центричниот свет завршува и почнува период на различност, што вклучува меѓународни економски врски“, оцени Песков.

За да го компензира падот на својата трговска размена со Западот, од почетокот на војната во Укрина или во последните речиси две години, Русија се свртува кон Кина, Индија и другите пазари на Блискиот Исток, Азија, Африка и Латинска Америка, додаваат британските медиуми. сд/

Остани поврзан