• понеделник, 23 декември 2024

Песков: Русија ги осудува претседателските избори во Молдавија како нефер

Песков: Русија ги осудува претседателските избори во Молдавија како нефер

Москва, 5 ноември 2024 (МИА) – Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека Русија ги осудува претседателските избори во Молдавија како нефер бидејќи стотици илјади Молдавци кои живеат во Русија немаа право на глас, додека на граѓаните на Молдавија кои живеат на Запад им беше дозволено да гласаат.

- Тоа не може да не влијае на изборните резултати, кои во исто време не можат да се сметаат за фер, изјави Песков, наведувајќи дека изборната кампања во Молдавија не може да се нарече демократска и фер.

Песков истакна дека мнозинството Молдавци не гласале за Маја Санду, која беше реизбрана на претседателските избори во неделата, нагласувајќи дека тоа го поткопува нејзиниот легитимитет.

Според него, изборите во Молдавија биле „полни со манипулации“. Тој рече дека Русија не се мешала во изборниот процес во Молдавија, наведувајќи дека слушнал такви неосновани обвинувања, кои, како што рече, не се поткрепени со веродостојни информации. Песков истакна и дека руската страна нема никаква врска со организацијата на гласањето во Руската Федерација и дека одлуката за отворање само две избирачки места ја донеле молдавските власти. Според него, молдавските власти не покажале интерес за развивање добри односи со Русија.

- Што се однесува до сегашното раководство на Молдавија, кое, според сите укажувања, сега ќе продолжи со својата работа, досега не покажа интерес за развивање добри односи со нашата земја, рече Песков.

Тој изјави дека молдавската опозиција е изложена на „апсолутно незаконски напади, притисоци, апсења и претреси“.

Претседателката на Молдавија Маја Санду освои уште еден претседателски мандат откако доби 55,33 отсто од гласовите во вториот круг од изборите одржани во неделата, покажуваат конечните резултати објавени од Централната изборна комисија врз основа на 100 отсто од преброените гласачки ливчиња. Санду победи со разлика од околу 11 отсто, а нејзиниот противкандидат Александар Стојаногло, поранешен јавен обвинител поддржан од Социјалистичката партија, освои 44,67 отсто од гласовите. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан