Пентагон подготвен да испрати милијарда долари воена помош за Украина откако законот ќе помине во Сенатот
- Пентагон е подготвен брзо да испрати пакет воена помош од милијарда долари за Украина, изјавија денеска неколку американски претставници.

Вашингтон, 23 април 2024 (МИА) - Пентагон е подготвен брзо да испрати пакет воена помош од милијарда долари за Украина, изјавија денеска неколку американски претставници, додека Горниот дом на американскиот Конгрес ја започнува расправата за долгоочекуваниот нацрт-закон за средства за Украина и другите сојузници на САД, што е веќе усвоен во Долниот дом.
Пакетот за странска помош од 95 милијарди долари беше усвоен од Претставничкиот дом во саботата, а денеска или утре се очекува одобрување од Сенатот.
Од вкупниот пакет помош околу 61 милијарда долари се наменети за Украина.
Пакетот вклучува и разновидна муниција, како и оклопни возила и друго оружје.
Американските власти рекоа дека некои оружја ќе бидат доставени на бојното поле многу брзо, можеби дури и во рок од неколку дена, но дека за некои работи „може да потрае малку подолго“. паг/
Фото: МИА архива