• недела, 22 декември 2024

Пендаровски: Од соседството ни доаѓаат руски агенти, неколку партии се финансираат од Москва

Пендаровски: Од соседството ни доаѓаат руски агенти, неколку партии се финансираат од Москва
Скопје, 28 јули 2022 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски во интервју за „Фокус“, коментирајќи ја изјавата на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, кој деновиве оцени дека расположението на македонскиот народ е спротивно од евроатланскиот курс на политичката елита, рече дека се работи за провокативни изјави кои, според него, се дел од политичка пропаганда. - Сите државни институции знаат дека Русија се меша во нашите внатрешни работи. Последен пат со интензивно учество преку свои луѓе, свои политички субјекти, свои инсталации. Од соседството доаѓаат луѓе што се руски агенти, односно луѓе на руската служба. Не можам јавно да обелоденам од каде точно доаѓаат, зашто тоа се сензитивни информации, меѓутоа Русите и преку тие, модерно речени хибридни закани, преку политичката пропаганда прават обиди за влијание, оценува Пендаровски. Тој открива дека постојат сознанија кај надлежните органи за луѓе што доаѓале за да направат провокација на неодамнешни граѓански протести, но и за финансирање на „некои политички субјекти“. Притоа, Пендаровски не открива за кои субјекти се работи, но посочува дека тоа се „неколку субјекти во директна корелација со Москва неколку години наназад“. - Сѐ додека тоа е политички артикулирано во институциите, тоа е во ред и тоа е демократски. Но, морам да кажам дека навистина чудно е тоа што неколку дена по руската инвазија во Украина, Левица го повика рускиот амбасадор во Собрание и го одликува за неговиот придонес во билатералните односи, што е без преседан. Во ниеден европски парламент не се случило тоа, наведува Пендаровски во интервјуто за „Фокус“. Во однос на руската воена интервенција во Украина, шефот на државата вели дека никој нема проценка кога таа војна би завршила, но додава, сите проценки упатуваат дека конфликтот ќе трае, што, предупредува тој, ќе предизвика верижни реакции во светот во многу области. нд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан