• сабота, 23 ноември 2024

Пендаровски: Обновениот и зајакнат мултилатерализам е одговор на заканите на денешницата, потребни внатрешни реформи во ОН

Пендаровски: Обновениот и зајакнат мултилатерализам е одговор на заканите на денешницата, потребни внатрешни реформи во ОН

Скопје, 22 септември 2023 (МИА) - Секоја година, во овој период, очите на светот се вперени кон најголемиот собир, на кој политичките лидери на нациите ги изложуваат своите визии за иднината. Оваа година фокусот врз сите нас е можеби поголем од кога било претходно, а причината е во поразителниот факт дека најмал заеднички именител на емоционалната состојба на човештвото денес е ‒ стравот. Стравот од војни, од глад и сиромаштија, од пандемии, од еколошки катаклизми, страв за иднината на нашите најблиски. Ноторен факт е дека меѓународниот поредок е темелно разнишан на повеќе точки во светот.

Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски од говорницата на Обединетите нации, во рамки на Генералната дебата на 78. Генерално собрание, во Њујорк. Тој нагласи дека агресијата на Руската Федерација врз Украина продолжува со несмалена жестокост што е, како што вели, флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации и на принципите на меѓународното право, во континуитет. Според него, станува збор за најголемата безбедносна криза по Втората светска војна, со глобални последици кои, повеќе или помалку се чувствуваат на сите континенти и укажа дека со секој изминат ден, се зголемуваат страдањата на украинскиот народ, се уништуваат материјални добра и расте опасноста од ескалација.

-Најостро ја осудуваме агресијата врз Украина, како што тоа го направија и огромен број членки на нашата организација. Се залагаме за безусловно повлекување на руските окупаторски трупи и за почитување на украинскиот суверенитет и територијален интегритет, во рамки на нејзините меѓународно признаени граници. Повелбата на Светската асамблеја во таа смисла е кристално јасна ‒ сите отворени прашања било каде во светот мора да се решаваат по мирен пат, со преговори и дијалог, со одрекување на употребата на сила, рече Пендаровски.

Тој додаде дека војната во Украина е најеклатантен, но, за жал, вели, не и единствен пример, за заканите по светскиот мир и безбедност. Планетарната безбедносна архитектура, во чија основа е токму оваа организација, е посебно разнишана, посочува Пендаровски, кога држава, постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации илегално напаѓа земја членка на истата организација.

-Не случајно, неодамна, генералниот секретар предупреди дека ризикот од нуклеарна катастрофа, денес е на највисоко ниво по завршувањето на Студената војна. Овој аларм од највисокото ниво на Организацијата треба да биде повик до секој разумен политички лидер за глобална мобилизација за зачувување на мирот, без сомнение, најголемата вредност на човештвото. Последен час е да замолкнат барабаните на војната, да се почитува Повелбата на Обединетите нации, тргнувајќи од независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на државите, како темелен принцип и главен резон за постоењето на светската организација, потенцира Пендаровски.

Мирот е во основата на сè, меѓутоа, светот е соочен со предизвици од различен формат и за нивно решавање, како што вели, не е доволно да има само мир меѓу државите, туку и меѓусебна доверба и соработка.

-Јасно е дека довербата, градена со децении, во најголем дел токму во оваа зграда, е сериозно нарушена и дека ќе ни треба време, напори и пред сè, политичка волја за повторно да ја воспоставиме. Независно од сите разлики што постојат меѓу нас – политички, економски или културолошки – ние мора да дејствуваме заедно во интерес на мирот, стабилноста и просперитетот на сегашните и идни генерации. Алтернативите на дијалогот меѓу нациите се застрашувачки, а секое одолговлекување повторно ќе нè соочи со истата закана, со тоа што цената што тогаш ќе треба да ја платиме ќе биде далеку повисока, потенцира Пендаровски во обраќањето пред ГС на ОН.

Тој укажа дека војната во Украина креира состојба на општа непредвидливост и кризи коишто меѓусебно се поттикнуваат, особено во снабдувањето со храна и енергенти. Недостатокот од храна ги загрозува најсиромашните и се заканува во многу делови од светот да предизвика хуманитарни катастрофи со незабележани магнитуди. Во тој контекст, вели тој, даваме целосна поддршка на напорите на генералниот секретар за враќање во сила на договорот за извоз на украинско жито преку Црното Море, затоа што е целосно неприфатливо, храната и енергијата да се користат како оружје за остварување на воени или политички цели.

Претседателот Пендаровски се осврна меѓу другото, и на значењето на глобалната солидарност, концепт кој, вели, не е нов за што пример е Скопје кој по земјотресот од пред 60 години се крена од пепелта, благодарение на глобалната солидарност.

Потребно е, рече тој, и далеку порешително да го адресираме проблемот на климатските промени и глобалното затоплување наведувајќи дека без сомнение, светот е исправен пред егзистенцијален предизвик, а единствениот успешен противодговор е можен, само ако сите се обединиме врз една, единствена платформа. 

-Неопходните инструменти како што е Климатскиот пакт за солидарност преку кој развиените обезбедуваат финансиска и техничка поддршка за економиите во развој се веќе поставени: правична транзиција кон зелена економија е возможна, но само со нивна соодветна примена. Според „Забрзаната агенда за климатска акција“, развиените земји би требало не само да достигнат нето-нула емисии до 2040-та, туку и да ги одржат ветувањата кон земјите во развој, со дуплирање на ресурсите за адаптација и надополнување на Зелениот климатски фонд, рече Пендаровски.

Најголемите закани на денешното време: геополитичките турбуленции, војните, тероризмот, климатските промени или масовните мигрантски бранови, се случуваат во период кога меѓународните организации и целиот мултилатерален систем минуваат низ криза на идентитетот или функционалноста, а најчесто и низ двете.

-Единствениот реален одговор може да биде само обновен и зајакнат мултилатерализам којшто ќе ги уважува потребите на секоја држава поединечно, но ќе нуди и јасна визија за големата слика, за работите што нè поврзуваат, за општото добро. Не постои посоодветно место за тој заеднички потфат од Обединетите нации.  Ургентна потреба на човештвото денес е враќање на предвидливоста, на раното предупредување и превенцијата во меѓународните односи. Јасно е дека предуслов за тоа се внатрешни реформи на системот на Обединетите нации, со почитување на принципите на поголема репрезентативност и инклузивност, заради рефлектирање на реалностите на денешниот свет, подвлече претседателот Пандаровски.

Притоа, додаде тој, е потребно етаблирање на механизми за подобра функционалност, но во истовреме и за редуцирање на опциите за парализа на Организацијата. И во тој контекст, рече, даваме целосна поддршка за одржување на Министерскиот состанок како подготовка на Самитот на иднината кој ќе се одржи во 2024-та.

-Се разбира, останува потребата од решавање на старите проблеми, со паралелно адресирање на новите предизвици, иако некои од нив, како лажните вести и сајбер-заканите, се веќе дел од нашите животи. Некои други, пак, иако се од понов датум, како вештачката интелигенција, на пример, веќе предизвикуваат крупни промени во нашите животи. Никој не треба да има сомнеж дека без заеднички пакт за иднината, ниту една земја или група на држави нема самата да понуди и имплементира одговори на овие предизвици, нагласи тој.

Пендаровски осврнувајќи се на развојот на државата истакна дека од првиот ден на нашата независност, пред повеќе од 30 години, земјава на најдобар можен начин ја манифестираше својата приврзаност кон принципите на мирот, продлабочената регионална соработка и решавање на отворените прашања по пат на дијалог. Во 1991-та година, додаде, отворивме процес на внатрешно демократско созревање, преку афирмација на правата на етничките заедници до највисок можен степен и негување на културата на дијалог при решавање на проблемите на внатрешен план, но и во односите со соседите.

-Го прифативме компромисот како начин на решавање на проблемите, не како израз на слабост, туку, напротив, како израз на самодоверба дека сме способни да ги заштитиме сопствените интереси без да ги повредиме интересите на останатите. Почитувајќи ги принципите во кои самите веруваме, продолжуваме да даваме активен придонес кон мирот, стабилноста, демократските вредности, одржливиот развој и економскиот просперитет, нагласи тој..

Продолжуваме да го правиме тоа, нагласи Паендаровски, и преку претседавањето со ОБСЕ оваа година.

-Оваа година, претседаваме со ОБСЕ, најголемата регионална безбедносна организација, во време исполнето со предизвици без преседан, но и во такви услови, настојуваме да ја задржиме релевантноста на Организацијата, тргнувајќи од темелните принципи од Повелбата на ОН и Завршниот акт од Хелсинки. Остануваме меѓу најголемите промотори и на регионалната соработка во Југоисточна Европа, настојувајќи, истовремено, да ги исполниме критериумите за членство во Европската Унија, не подоцна од 2030-та година. Кај нас не постои дилема дека јакнењето на демократските институции, во континуитет, со загарантирана рамноправност на сите граѓани, е единствениот можен пат до поголема кохезија во едно мултиетничко општество, нагласи шефот на државата. 

Според него, на политичките лидери е обврската чувството на страв кое постои да се замени со верба за подобар свет.

-На почетокот споменав дека стравот од иднината е веројатно најдоминантното чувство во светот денес. Меѓутоа, тоа не смее да биде прифатено како нормална состојба. Пред нас, политичките лидери овде собрани, стои обврската, тоа чувство на страв да го замениме со надеж и со верба за поправеден свет. Предуслов за тоа е да постигнеме, без одложување, еден обновен договор за почитување на темелните вредности и хуманите идеали заради кои и беше основана оваа организација пред 78 години, порача Пендаровски пред учесниците на генералната дебата на 78. Генерално собрание на ОН. вг/бак/

Фото: Кабинет на Претседателот

 

Остани поврзан