• петок, 27 декември 2024

Пендаровски: Не мислам дека Македонците имаат нешто против Бугарите, туку им е „преку глава“ од условувања за членство во ЕУ

Пендаровски: Не мислам дека Македонците имаат нешто против Бугарите, туку им е „преку глава“ од условувања за членство во ЕУ

Скопје, 8 септември 2023 (МИА) - Не мислам дека нашите граѓани, посебно Македонците, имаат нешто против Бугарите, туку им е „преку глава“ од преусловувања и условувања какви што никој немал во историјата на ЕУ, рече денеска претседателот на државата Стево Пендаровски во врска со уставните измени.

Како што оцени Пендаровски утрово, во телевизиско гостување, ако ја поминеме оваа препрека, ќе напредуваме побрзо, бидејќи ќе бидеме под мониторинг.

Според него, земјава може да влезе во ЕУ и пред 2030 година.

-Не верувам дека Македонците имаат било што против Бугарите и од таа позиција велат Бугари никако во Устав, туку велат „чекај сега ова е една долга серија на предусловувања, 17 години чекаме да почнат преговори, пак има барања, можеби утре ќе има повторно некое трето, петто барање од некоја си друга земја членка“. И во тој дел граѓаните се апсолутно во право. Не може да измислувате критериуми за влез било каде само за тебе, само за мене. Организацијата има, ги викаат базичен сет на критериуми, има групи, подгрупи по кои се преговара, точно се знае што се бара. Јас ви тврдам, нашиве граѓани да им побарате да го сменат Уставот - не еднаш туку 10 пати ќе го сменат ако им кажат да имате правна држава, слобода на медиуми, да имате професионална администрација,... Меѓутоа, за овие работи разбирам зошто е гневот на граѓаните, а не е првпат да ни се случува ова, рече Пендаровски во утринското гостување на ТВ Сител.

Според него, едно се добрососедските односи кои се критериум за влез во ЕУ, а сосема друго е кога некој ти вели „мора да го смениш Уставот, мора да имаш 'северна'“.

-Не мислам дека нашите граѓани, посебно Македонците, бидејќи тоа е спорот она што Бугарите го оспоруваат кај нас е идентитетот, јазикот, имаат против Бугарите било што. Јас мислам дека на граѓаните на Македонија им е до „овде“ од преусловувања и условувања какви што никој немал во историјата на ЕУ. Таа организација е направена 1957 година и никој никогаш, не само бившите југословенски републики што влегоа мислам на Хрватска и Словенија, никој никогаш нема близу такви критериуми кои не се критериуми за влез во ЕУ, такви барања од никого не биле испоставени. Едно е да имаш добрососедски односи, тоа е критериум, друго е некој да ти вели сега мораш да го смениш Уставот, ти мора да имаш „северна“ и претходното да не го заборавиме, тоа е уникатна ситуација со северна, дециден е претседателот.

Тој уште еднаш повтори дека ги поддржува уставните измени, но и дека истовремено, го разбира гневот на граѓаните.

-Ако го земеш самото барање, имаме седум народи и делови од народи сега во Уставот. Сакаме уште шест да ставиме. Ако овие седум од 2001-ва кои ги имаме во Преамбулата не ја опструирале државата што не е ништо опасно, ама луѓето не гледаат дали е содржината ваква конкретна, кого се треба да ставиме таму: Црногорци, Хрвати, Евреи, Египќани и Бугари, туку тие велат – има ли крај ова? Утре - задутре која е гаранцијата? Значи, јас сум го кажал ова, јас сум за овие промени, меѓутоа, од друга страна, го разбирам гневот на граѓаните. Навистина го разбирам, бидејќи секој од нас го чувствува тоа. Ние инаку, вие помладите го имате заборавено, првата промена на Уставот, значи имаме прв посткомунистички устав да го наречам од 17 ноември 1991 година. Првата промена со неколку амандмани заради тогашното барање на Грција беше далеку, далеку пред да го решиме спорот со Преспа беше да покажеме уште еднаш со член плус во Уставот дека немаме територијални претензии. Верувале или не, на 17 ноември го усвојуваме Уставот, во јануари после два-три месеци е првата промена на тој наш Устав на независна држава. Од јануари 1992 до денес јас не знам осум, девет пати сме менувале, некој пат затоа што сами сме сакале, меѓутоа објективно целата атмосфера е таква да луѓето велат има ли крај оваа серија, објасни Пендаровски.  

Негова оценка е дека земјава е најдобро подготвениот кандидат во историјата на европското проширување.

-Не е фраза кога велам, и пред некое време го реков тоа во друго интервју, дека можеме и порано да влеземе. Јас знам дека сега како викаат модерно е сега да лицитираш со години, па дури и да се тркаме кој порано, можеме и пред 2030 година комотно затоа што сме 17 години претходно бевме кандидат и сме супер подготвени. Ние сме најдобро подготвениот кандидат во историја на тоа европско проширување само под услов да немало ваков тип на вонредни или само за нас специфични предусловувања понатаму. Ако ја поминеме оваа препрека, јас тврдам дека со супервизијата која би почнала многу појако од страна на ЕУ - што правите во однос на, не знам – корупција, организиран криминал, професионалноста на институциите, транспарентност нивна,..., мислам дека ќе напредуваме побрзо, бидејќи ќе бидеме под мониторинг. Знаете, кога си оставен сам, јас не сакам да кажам имаше една славна фраза на еден од нашите бивши премиери, вели - ни треба камшикар. Не ни треба камшикар да не тепа, меѓутоа друга работа е кога ќе ти напишат во извештајот ова не ти е добро. И сега како политичар после тоа мора да излезеш пред народ и да речеш „не замрзнаа во движењето зашто не сме добри“ и на следни избори нема што да бараш. Тогаш ЕУ и влезот ќе стане изборно прашање, сега е маркетиншка работа, подвлече Пендаровски. мч/аа/ 

фото: МИА архива

Остани поврзан