• среда, 27 ноември 2024

Пендаровски: Независноста не ни е подарена, туку е дело на многу генерации водени од идеалот за слободна и своја држава

Пендаровски: Независноста не ни е подарена, туку е дело на многу генерации водени од идеалот за слободна и своја држава
Скопје, 8 септември 2021 (МИА) - Денес, на 8 Септември, на денот на македонската независност, го празнуваме нашиот трет, последен и од меѓународен аспект-најзначаен Илинден. Денес сме собрани да се потсетиме дека независноста не ни е подарена од никого, туку е дело на многу генерации водени од идеалот за слободна и своја држава, истакна претседателот на државата Стево Пендаровски во обраќањето по повод 8 Септември на централната прослава „30 години независност“. Во целиот тој историски континуитет на трите Илиндени, како што посочи,  први се вклучија илинденците кои се бореа за слободата наспроти смртта, партизаните кои се изборија за државност наспроти окупација и огромното мнозинство граѓани кои пред 30 години се изјаснија за независност. - Не беше случајно тоа што  илинденците како Брашнаров и Влахов во 1944-та беа учесници на државотворното заседание на АСНОМ, и не беше случајно што АСНОМ-ецот Глигоров во 1991 година јавно го прогласи новото поглавје на суверената и независна македонска држава, додаде Пендаровски. Според него, континуитетот, но и концептот на државата е јасно впишан и во клучните документи на трите Илиндени: Крушевскиот манифест кој декларира соживот меѓу еднаквите, Декларацијата за основните права на граѓанинот на демократска Македонија од Св. Прохор Пчински и Декларацијата за сувереност, кои ја потврдуваат визија на основачите за демократска република, втемелена врз сите меѓународни документи и принципи за човековите права и слободи. -Оттука, 8 Септември не е, како што некои скептици коментираат, некогаш и денес, стихијна и непромислена авантура на еден млад и историски неопитен народ, туку обмислено заокружување на најзначајниот проект во нашата историја врз чијшто концепт работеа плејада врвни македонски интелектуалци, рече Пендаровски. Кога еден народ создава своја држава, како што посочи, тогаш секој поединец неминовно доаѓа до сознанието дека неговата судбина и иднина, неговиот развој и напредок се нераскинливо поврзани со судбината и иднината на државата што ја создал. -Како што државата е одговорна за своите граѓани, така и секој еден од нас е одговорен за државата, затоа што од нас самите зависи нејзиниот опстанок и нејзините перспективи, рече претседателот. Овој 30-годишен јубилеј, додаде, е можност и за колективно преиспитување на нашата совест. Прашањето кое уште во далечната 1903-та го постави Крсте Петков Мисирков за нашата генерација и денес има еднаква тежина: Што направивме и што треба да правиме во иднина?  - Искрениот и реален одговор е дека ова е прашање за секој еден од нас, но, најмногу за сите досегашни политички раководства, чија одговорност е далеку најголема и пред предците кои ги оставија коските по планините за да ја направат оваа држава, не помалку за нашите деца и внуци, за нашата младост, нагласи Пендаровски. Тој потсети дека за да дојде до своја држава, нашиот народ во изминатиот век и половина има поминато низ една од најголемите голготи што ја памти европската историја. -Во овие триесет години сите имавме прилика да потврдиме една вистина, една реалност, а таа е дека опстојот и просперитетот на нашата независна македонска држава зависат од два процеса: внатрешната инклузивност и надворешната интегрираност. Мултиетничкиот соживот и вековната традиција на почитување на различноста се нашата најголема вредност и тоа не е така само во пишаните документи со кои ќе се фалиме пред светот, за тоа постојат многубројни примери во нашето секојдневие каде што и радоста и тагата луѓето еднакво ја делат независно од нивната вера или нација, рече Пендаровски. Тргнувајќи од Крушевскиот манифест, преку Рамковниот договор се до денешните модели на заедничко живеење, како што нагласи шефот на државата, се провлекува суптилната нишка на инклузивноста која ги држи различните етникуми заедно и во добро и во лошо. -Најголем успех на државата е ако сите нејзини граѓани, независно дали се Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци или припадници на помалите етнички групи, независно дали се христијани, муслимани, Евреи или атеисти ја чувствуваат како своја татковина, истакна Пендаровски. Според него, иднината на државата зависи и од нашата целосна интеграција во битните меѓународни организации, затоа што малите држави не можат да опстанат во денешниот глобален и немирен свет, ако се сосема сами без сојузници и пријатели. -Земени заедно, внатрешната инклузивност и надворешната интеграција се клучните оски за долгорочна стабилност и просперитет на нашата држава. Северна Македонија може да напредува само ако сите нејзини граѓани ја чувствуваат како своја татковина, и ако е целосно интегрирана во западната заедница на народите, дополни Пендаровски. Во својот говор тој потенцира и дека негирањата и заканите, двојните стандарди, политичките блокади на нашите интегративни процеси ни одзедоа премногу време и енергија. -Затоа, направивме тешки, но неопходни политички компромиси, со цел да отвориме нови перспективи и да излеземе од изолацијата во која некои свесно не туркаа. Но, да бидеме искрени, за дел од проблемите сме и самите виновни. Години и години изгубивме додека се обидувавме да извршиме историски инженеринг врз нашето потекло и корени кои се неспорни и одамна потврдени, или кога некои права поврзани со статусот и вклученоста на етничките заедниците во заедничката држава долго време ги држевме на маргините..., додаде Пендаровски. Зборувајќи за транзицијата, претседателот рече дека токму ефектите од неа придонесоа постепено пред наши очи да се оформи најголемата опасност и закана за нашата иднина, а тоа е - масовното иселување на нашите граѓани. - Младите, но и повозрасните се иселуваат тогаш кога ќе престанат да веруваат дека државата може да обезбеди услови за пристоен живот достоен за човекот во 21-от век, рече Пендаровски. Не треба да заборавиме, нагласи шефот на државата, и дека сите наши научни, уметнички, спортски и стратешки дострели во изминативе 30 години не ќе беа можни во таков обем ако немавме наша сопствена држава. Затоа, како што истакна, без и една секунда двоумење, без тронка сомнеж можеме да кажеме дека македонската државност и независност е нашето најголемо историско достигнување со кое треба да се гордееме. Пендаровски се осврна и на патриотизмот. Рече дека вистинскиот патриотизам значи почитување на законите, одговорно користење на ресурсите и чување на животната средина. Вистинскиот патриотизам, како што доддае, подразбира да ги воспитуваме нашите млади да бидат доблесни и одговорни личности. -Во Манифестот на АСНОМ се вели: „Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме. Но, уште поважно е да знаеме во каква држава сакаме да живееме. Ако сакаме младите генерации да останат во земјата и тука да живеат, да работат и создаваат иднина, мора да се потрудиме повеќе како држава и да им обезбедиме услови да успеат дома, во својата земја, рече шефот на државата. Според Пендаровски, денес, кога го празнуваме континуитетот на трите наши Илиндени, не треба да изгубиме од предвид дека да се има сопствена, независна држава е голема привилегија, но и голема одговорност. - Ние немаме резервна татковина. Ова е нашиот единствен, заеднички дом и тој ќе биде пристојно место за живеење само доколку секој од нас го вложува во него својот труд и својата совест. При тоа, се разбира дека одговорноста е најголема кај оние кои ја добиваат честа да ја водат општината, градот, владата или државата. Апсолутно сум убеден дека ако секој од нас се вложи за таа кауза до крај, без остаток,без калкулации, тогаш ќе имаме држава со која сите ќе се гордееме, нагласи претседателот Стево Пендаровски. По Пендаровски, на централното одбележување 30 години независност, ќе се обратат и претседателот на Собранието Талат Џафери, како и премиерот Зоран Заев. Церемонијата почна со изведба на делото „Симфонија за филхармонија“ од композиторот Живоин Глишиќ, а потоа следуваше дефиле на здравствени работници, спортисти, пожарникари, полицајци и војници, рудари, земјоделци, волонтери на Црвен крст, извидници, национални ансабли и културно-уметнички друштва. Официјалниот дел, пред обраќањето на претседателот Пендаровски, беше отворен со интонирање на македонската химна. Покрај официјалните гости и медиумите, прославата ја следат и акредитирани граѓани кои приложиле вакцинален сертификат или потврда за прележаност на КОВИД. Сите присутни се распоредени согласно КОВИД меркитеи и протоколите. дма/мч/  

Остани поврзан