• понеделник, 23 декември 2024

Пендаровски: Надолната линија во етаблирање на правната држава трае 30 години

Пендаровски: Надолната линија во етаблирање на правната држава трае 30 години

Скопје, 31 март 2023 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски смета дека реформите во судството и правната држава 30 години се повеќе или помалку на хартија, а не реални. Како што рече вечерва во телевизиско гостување, фундаментално подобрување не е забележано во ниту еден извештај од Европската комисија од 2005 година, а клучните исчекори кон ЕУ земјава ги направи заради политичките договори.

-Надолната линија во етаблирање на правната држава трае 30 години. Три децении имаме само реформи повеќе или помалку на хартија, а не реални реформи. Дали има спрега меѓу судството, обвинителството и власта? Убеден сум дека секогаш постојат индивидуални спреги меѓу луѓе во обвинителството со луѓе во судството, со поединци од бизнис заедницата, а претпоставувам и дека има спрега и со луѓе од различни нивоа во извршниот апарат. Но, сите знаеме и врвни професионалци во судството и обвинителството кои немаат никаква врска со оние ујдурми во крупните случаи, рече Пендаровски за „Трилинг“, додавајќи дека никаде во светот не постои забрана политичар да коментира судска одлука.

Во врска со аферата „Прислушување“ и за тоа кој издржува казна, Пендаровски оцени дека секој е индивидуален случај и индивидуално кривично дело. Според него, третманот на Гордана Јанкулоска во затворот е дискриминирачки, но тоа не може да се реши со помилување од претседателот на државата.

Она што е утврдено од судот не треба да се поврзува со третманот на Јанкулоска во затворот, дециден е шефот на државата.

-До овој момент, не велам дека, не прејудицирам мое евентуално идно постапување, но за таа афера беа тројца инволвирани: Груевски, тогашниот помошник-министер за финансии во МВР и тогашната министерка Јанкуловска. Прашењето е дали ние размислуваме за некои конкретни личности и конкретни дела од емоционален аспект, има нишка во вашето прашање во таа насока, оваа жена единствена машки ги издржа тие работи, другите големи јунаци - патриоти избегаа. Тоа е точно, ама тоа е политичка квалификација. Јас морам да се држам до она што е утврдено од суд и плус, тоа да не го поврзуваме третманот на Јанкулоска во затворот кој е дискриминирачки. Точка. Дискриминирачки, рече Пендаровски.

Тој потсети дека со одлежани две и пол години од четири, Јанкулоска досега нема добиено ниту еден викенд за да го види своето дете зашто само „Идризово“ е затвор со женско одделение. мч/ са/

 

 .

 

Остани поврзан