• сабота, 23 ноември 2024

Пендаровски: М - НАВ е зрела за генерален ремонт

Пендаровски: М - НАВ е зрела за генерален ремонт

Скопје, 9 јануари 2024 (МИА) – Последните случувања во М-НАВ беа брука. Не ми се случило, дента кога се случуваше таа физичка пресметка да ме побараат клучните амбасадори во Скопје. Имаше високи претставници на НАТО кои прашуваа дали е безбедно небото и за авиони на НАТО, рече вечерва претседателот на државата Стево Пендаровски гостување на ТВ Сител.

Пендаровски наведе дека во тој период во тие 20 до 30 прелети или приземјувања имало два авиона на НАТО. - Иклучително е битно да имате гаранција за безбедноста на тие луѓе. Но, добро е што Владата влезе во расчистување, рече шефот на државата.

Прашан за имињата на новите директори на М- НАВ, за последниот предлог за прв човек на М – НАВ кој бил роднина на Али Ахмети, како и за тоа дека ДУИ останува на чело на таа институција, Пендаровски одговори дека не мисли оти само ДУИ е на чело на таа институција. Нагласи дека нема информација што се случувало на Владата во изминатите неколку часови, но, како што истакна, извршните органи треба да влезат во процес на расчистување на тој случај.

Според него, М - НАВ е зрела за генерален ремонт. 

Пендаровски потенцираше дека незадоволството на контролорите на летање трае подолго време и потсети дека нивниот синдикат реагираше и пред година – две, кога имаше обиди на данскиот конкурс да се примат неквалификувани кадри.

- Се работи за дел од критичната инфраструктура. На неа се гледа со посебно внимание. Постои посебен закон за таа критична инфраструктура. Ние сме членка на НАТО и не смееше да се дозволи таков скандал. Во просториите на тој дел од критичната инфраструктура, да се пресметуваат физички луѓето како да е кафеана. Мислам дека од тука треба да тргнеме и извршните органи, пред сѐ Владата да влезе во процес на расчистување. Едно е обвинителство, друго е дисциплинска постапка, трето е кадровска политика. Мислам дека таа институција е зрела за генерален ремонт, потенцираше претседателот Пендаровски. 

Тој истакна дека како политички фактор не смее да се меша во тие постапки, но информира дека според обезбедените видео ленти станува збор за физичка пресметка, а не за кошкање. Што се случувало, потенцира Пендаровски, е работа на обвинителството, но не се работи само за кошкање. 

Претседателот Пендаровски меѓу другото исткана дека партизацијата е рак рана на македонското општество, а се уште во сила го имаме етничкиот балансер. цр/лв/

Фото: Принт скрин   

Остани поврзан