• сабота, 06 декември 2025

Пендаровски: Мора да креираме стратегии за различните сценарија кои нè очекуваат во годините пред нас

Пендаровски: Мора да креираме стратегии за различните сценарија кои нè очекуваат во годините пред нас

Скопје, 20 април 2022 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на првата од серијата онлајн обуки на тема „Предвидување и размислување за иднината при создавањето политики“ во рамките на проектот „Миграциска политика и општествен дијалог базиран на докази во Република Северна Македонија“.

Оваа серија обуки, како што соопшти кабинетот на Пендаровски, е иницијатива промовирана од Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), Меѓународната организација за миграција (ИОМ) и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), во соработка со Меѓуресорското тело за развој и спроведување на Миграциската политика за 2021-2025, под координација на Канцеларијата на постојаниот координатор на ОН за Северна Македонија.

Претседателот Пендаровски истакна дека миграциите историски имале клучно место во политичкиот, демографскиот и економскиот аспект на живеењето во нашата држава. Покрај традиционалната економска миграција и одливот на голем број македонски граѓани, рече претседателот Пендаровски, во последниве неколку години сме сведоци на интензивни миграциски процеси и како резултат на воени и безбедносни кризи.

Претседателот Пендаровски посочи на воениот конфликт во Сирија во 2015/2016, кога нашата држава беше транзитна рута за милиони бегалци, што, според него, сериозно ја наметна дилемата за нашите капацитети за справување со  миграциските бранови.

- Тогаш стекнатите искуства ја наметнаа потребата од нови законски решенија, преструктуирања и системска подготовка на институциите за справување со идните предизвици. Меѓутоа, најбитната лекција која се надевам дека ја научивме сите ние е дека не треба да чекаме кризите да дојдат, туку, да бидеме постојано мобилен и подготвен за справување со нив и да се работи на креирање на политики кои ќе ги антиципираат случувањата, не само во поглед на миграциските политики, туку и во останатите сегменти кои се со нив поврзани, рече претседателот Пендаровски.

Тој го најави и скорешното објавување на стратешкиот документ МКД2030, кој  акцентира повеќе меѓузависни теми и области, од дигитализацијата, децентрализацијата и демократизацијата, преку еколошки, економски, аграрни и здравствени политики, сè до образованието, науката и  миграциските политики, вклучително и борбата против масовното иселување на младите и депопулацијата, и го посочи неговото очекување документот да биде преточен во Национална развојна стратегија за периодот до 2041-та година, а нејзините компоненти фазно да бидат соодветно имплементирани.

Според претседателот Пендаровски, живееме во време и во свет во кој работите брзо се менуваат и каде што безбедносните, политичките, но и низа други фактори како што се квалитетот на живот, здравата околина, климатските промени, влијаат врз миграциските процеси.

- Знаеме дека не е ни малку лесно да се антиципираат идните случувања, но мора да креираме стратегии за различните сценарија кои не очекуваат во годините пред нас, рече  Пендаровски.

Тој истакна дека соработката и заедничкиот пристап за решавање на глобалните проблеми се неопходни доколку сакаме да постигнеме резултати и политиките да заживеат во пракса.

- Воениот напад на Русија во Украина покажа колку е фрагилен мирот на нашиот континент и колку малку е потребно за избувнување на нова безбедносна, хуманитарна и миграциска криза. Имајќи го предвид фактот дека Република Северна Македонија географски е дел од простор со неколку отворени геополитички прашања, на кој сеуште постои потенцијал за конфликти, не можам, а да не го подвлечам значењето на нашето  членство во НАТО алијансата што ни дава соодветни  безбедносни гаранции. Ова е најдобрата потврда за исправноста на евроатлантскиот курс за што донесовме тешки, но визионерски одлуки. Во истата насока, и процесот на евроинтеграциите не само за нашата, туку и за сите земји од регионот добива дополнително на значење и токму затоа императив е и за нас и за Европа тој да се придвижи и конечно, заокружи, рече претседателот Пендаровски во своето обраќање. дма/лв/

Остани поврзан