• среда, 25 декември 2024

Пендаровски: Концептот на обединета Европа најдобра шанса за развојот на Северна Македонија

Пендаровски: Концептот на обединета Европа најдобра шанса за развојот на Северна Македонија
Скопје, 2 август 2022 (МИА) - Наша должност е да се грижиме нашата република, сите нејзини граѓани подеднакво да ја чувствуваат како своја татковина. Историската вистина не може да се промени со договор, ниту со протокол бидејќи фактите го разобличуваат секој наметнат конструкт, а концептот на обединета Европа ни ја дава најдобрата шанса да го заокружиме развојот на Северна Македонија како современа европска република. Ова се дел од пораките што ги упати претседателот Стево Пендаровски од централната манифестација во Скопје, во рамки на чествувањето на Илинден, на која постхумно ги одликуваше со Орден на Република Северна Македонија, Крсте Црвенковски, за својот особен, стратешки, долготраен и неповторлив придонес во втемелувањето и во развојот на македонската држава и на македонското општество, а со Орден за воени заслуги, Невена Николова Георгиева – Дуња, за извонредната храброст, пожртвуваноста, непоколебливоста и за лидерската улога во антифашистичката борба во работничките и во синдикалните движења.  На свеченоста со Медал за храброст ги одликуваше Никола Стојановски, Јован Величковски, Трајанка Аврамовска (постхумно), Илија Дуновски, Никола Николоски, Цветко Цветкоски, Кадрија Џафери и Дaфинка Богоева. Пендаровски потенцираше дека на Свети Илија го славиме нашиот најголем државен празник, затоа што, како што рече, на денешен ден, македонскиот народ и неговите сонародници ги воспоставија своите две републики – Крушевската во 1903-та и асномската во 1944 година. -Барајќи излез од авторитарните монархии и автократските режими кои систематски го обесправувале, асимилирале и експлоатирале, македонскиот народ спасот го нашол во републиката како најправеден и најпрогресивен државен поредок. Поредок кој требало да му овозможи да има слободна, функционална политичка заедница обединета околу општото добро и јавниот интерес.Крушевскиот манифест ни ги дава контурите на Републиката за која се бореле илинденците - Република положена врз идеалите на правда, слобода и достоинствен живот во која ќе има место за секој маж и жена, независно од народност, јазик и вера, наведе Пендаровски, дополнувајќи дека визијата за Републиката е надградена за време на Народноослободителната и антифашистичка војна во која партизаните ги обединија сите прогресивни сили во широк национален фронт. На слободните територии беа воспоставени народноослободителни одбори како никулци на идната асномска република, која по самата своја суштина беше национална и антифашистичка. Борејќи се за една таква прогресивна антифашистичка република, како што посочи, многумина ги дадоа своите животи, меѓу нив и нашата прва партизанка, Невена Николова Георгиева-Дуња, која својот краток живот го посвети на борбата за социјална правда и национална слобода. -Споменот за неа е толку силно врежан во нашата колективна меморија, што ако денеска ги прашаме луѓето, огромното мнозинство од нив, без задршка ќе речат дека Дуња е народен херој од НОБ. За жал, фактите зборуваат дека е направен пропуст и дека таа никогаш не била прогласена за народен херој. Затоа, во знак на благодарност, ние денешните генерации, постхумно ја одликуваме со Орден за воени заслуги, наведе Пендаровски. Осврнувајќи се посхумното одликување и заслугите на Крсте Црвенковски, шефот на државата посочи дека тој лично сведочи дека „во одлуките на АСНОМ стремежите за сувереност и државност на македонскиот народ и Републиката се кристално јасно формулирани. - На таа основа беше заснована новата македонска република“. Како долгогодишен член на највисокото политичко и државно раководство на републичко и на сојузно ниво, Крсте Црвенковски имал можност да ја преточи во дело неговата визија за Републиката како општо добро. Третирајќи ги сојузните републики како национални држави на конститутивните народи на Југославија, Црвенковски се залагал за децентрализација на федерацијата и почитување на легитимните интереси на републиките. Неговата улога во основањето на Македонската академија на науките и уметностите, развојот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и возобновувањето на Македонската православна црква, сведочи за неговата визија за македонска република со развиено образование и наука и со автономија на културниот и духовниот живот. Бил против ригидното разбирање на партискиот моно пол, за либерализација на политиката и демократизација на државата. Доживувајќи го македонскиот мултиетнички амбиент како предност, а не како недостаток, активно се залагал за целосна еманципација и афирмација на немнозинските заедници, наведе Пендаровски. Тој во говорот посочи дека славната антифашистичка генерација полека ја напушта историската сцена, како и дека се помалку меѓу нас ги има живите учесници во тие настани. За жал, наведе, низ годините на независноста сведочевме и на обиди да се релативизира значењето на НОБ, а со тоа и на делото на нашите партизани. -Со овие одликувања ние денес на симболичен начин правиме обид за исправање на неколку историски неправди. Првата, направена со пропустот Невена Георгиева-Дуња да биде прогласена за народен херој. Втората со отстранувањето на Крсте Црвенковски од јавниот и политичкиот живот поради неговите либерални ставови и прогресивни политики. Третата со обидите да се релативизира значењето на НОБ и АСНОМ како папочна врска меѓу нашиот прв и нашиот трет Илинден, наведе Пенадровски. Тој забалежа дека овој чин го правиме во период кога нашата држава, како што рече, по кој знае кој пат се соочува со обидите да биде негирана националната самобитност на македонскиот народ и да бидат оспорени неговите уникатни национални белези. Револтот на граѓаните, посочи шефот на државата, е оправдан, затоа што сите успеси како независна држава ги добиваме по потешкиот пат, но, не се откажуваме од стратешката цел да станеме дел од заедницата која со сите свои недостатоци, сепак, создала простор во кој луѓето се слободни и свои. Пендаровски порача дека во рамки на нашите заложби за целосна интеграција на Северна Македонија во Европската Унија, имаме цврста намера, како што рече, да ги исполниме сите услови од европските преговарачки поглавја, но, немаме намера со кого било, наместо за европски вредности да разговараме за возобновување на империјалистички концепти и идеи од минатите векови. - Концептот на обединета Европа ни ја дава најдобрата шанса да го заокружиме развојот на Северна Македонија како современа европска република. Овие напори се жртвата на нашата генерација за нашите млади и за нивната иднина. Но, за сето ова да не биде залудно, огромна незавршена работа нè чека дома каде што треба да продолжиме да ја градиме државата како праведна и прогресивна во која македонските граѓани ќе имаат пристоен живот, добро образование, квалитетно здравство и ефикасен правен систем што ќе ги сузбива криминалот и корупцијата, рече Пендаровски. Свесен сум, дополни, дека кај дел од граѓаните постои стравување дека на тој пат кон Европа ќе биде цензурирано нашето историско паметење. Дека наводно веќе нема да можеме да спомнуваме против кого се бореле нашите херои. Или дека ќе треба да ги затвориме очите пред фактите за депортацијата на македонските Евреи во Треблинка и масакрот на младинците во Ваташа. Дека ќе ги затвораме ушите за да не ги чуеме сведоштвата на нашите последни живи борци, на генерацијата која на своја кожа ја искуси окупацијата во периодот 1941-1944, спроведувана од профашистичката влада во Софија. Но, кога би престанале да ја зборуваме историската вистина ние би станале соучесници во креирањето на една нова историска неправда. Токму овие одликувања се нашиот одговор на секој обид да се замолкне вистината. Историската вистина не може да се промени со договор, ниту со протокол бидејќи фактите го разобличуваат секој наметнат конструкт, истакна претседателот. Порачувајќи дека со историската вистина нема компромис, како и дека говорењето на историските факти, никогаш не било, ниту може да биде говор на омраза, потенцираше дека проектот на обединета Европа недвосмислено потврдува дека патот до автентично и трајно помирување меѓу народите води преку правдата втемелена врз вистината. Затоа,  нагласи, ќе продолжиме да ја зборуваме вистината и само вистината. Не треба да чувствуваме никаков страв. Ако македонскиот народ не подлегнал на обидите за асимилација, денационализација и историски ревизионизам во периодите кога бил обесправен и немал своја држава, денес, при своја држава, шансите за такво нешто се непостоечки. А наша должност е да се грижиме нашата република, сите нејзини граѓани подеднакво да ја чувствуваат како своја татковина, рече Пендаровски. На постхумното одликување присуствуваа членови на семејствата, а меѓу присутните беа и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министрите за одбрана Славјанка Петровска, и за информатичко општетство и администрација, Адмирим Алити.фф/лв/

 

Остани поврзан