• понеделник, 23 декември 2024

Пендаровски: Деблокадата на патот кон ЕУ зависи само од една држава

Пендаровски: Деблокадата на патот кон ЕУ зависи само од една држава
Скопје, 10 ноември 2021 (МИА) - Деблокадата на патот кон Европската унија зависи само од една држава. Блокадата е ставена од Софија и само Софија може да ја тргне, изјави вечерва претседателот на државата Стево Пендаровски. За емисијата „Клик плус“ на телевизија 21, Пендаровски анализарајќи ја актуелната политичка ситуација во Бугарија оцени дека до 14 декември нема да има формирано влада и дека актуелниот претседател Румен Радев ќе биде единствената функционална институција. -  Ако тој биде единствена функционална институција, што правиме со Парламентот и Владата. Тоа не е одлука на претседателот, туку на сите политички партии. И тие имаат парламентарна декларација со нивни црвени линии, рече Пендаровски. Во однос на оспорувањето на нашиот идентитет и јазик од страна на Бугарија, Пендаровски вели дека јазикот и идентитетот не влегуваат во ниту еден сет на критериуми за членство во Европската унија и оти откако Бугарија увидела дека реториката околу историјата на Балканот не поминува кај Европската унија, во последните месеци ја менува реториката и зборува за дискриминација на Бугарите. - Сега видоа дека таа реторика околу историјата на Балканот, кој бил и што бил пред Втората Светска војна, не поминува. Не постои лидер кој не ме прашал за бугарското барање. И кога јас почнувам да зборувам за Гоце Делчев, за историското ВМРО-ДПМНЕ, тие ми велат дека не знаат што зборувам. Затоа во последните месец, два, три,  ја менуваат реториката и зборуваат за дискриминација на Бугарите. Тоа е легитимна тема, но зошто за неа не зборуваа од самиот почеток, подвлече Пендаровски. Отворањето на Уставот, според него, нема да го реши проблемот. Во гостувањето на телевизија 21, Пендаровски откри и дека според последните анкети паѓа евроентузијазмот во земјата. Само во последната година евро-ентузијазмот е паднат за околу 25 проценти. Анкетите, како што посочи, покажуваат и дека за првпат на врвот на листата на пријатели на земјава, граѓаните не ги посочуваат западноевропските држави туку Русија и САД. - Имаме анкети во кое прашањето е кој е најголем пријател на Северна Македонија. По првпат во нашата историја, не доминира ниту една од западноевропските земји. Доминираат Русија, Америка, Кина, Турција па после тоа Германија и така натаму…“, посочи Пендаровски. бак/са/    

Остани поврзан