• среда, 27 ноември 2024

Пендаровски: Да излеземе во пресрет на младите за да се намали одливот на стручни кадри

Пендаровски: Да излеземе во пресрет на младите за да се намали одливот на стручни кадри
Скопје, 25 февруари 2022 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски се обрати пред учесниците на програмата „Млади менаџери и деловни лидери“, која се одржува под негово покровителство. Тој во своето обраќање порача дека треба да сме горди што во нашата држава имаме млади кои не запираат само на степенот на своето формално образование, туку имаат желба да продолжат со учење, да ги прошируваат своите интелектуални хоризонти и да ги усовршуваат своите вештини и таленти. Тој потсети и на една од главните цели поради која е иницирана „Рамката за развој МКД 2030“, што неодамна е промовирана, а тоа е да се излезе во пресрет токму на потребите на младите, со крајна цел да се намали одливот на стручни кадри од земјата. - Програмата „Млади менаџери и бизнис-лидери“ оваа година ја продолжуваме со проширен состав на учесници, што сведочи дека сме успеале да го поттикнеме вашиот интерес, но и дека минатогодишните учесници покажале квалитет, рече Пендаровски, додавајќи дека само заедница на граѓани со отворени умови има перспектива за развој и напредок. Колку повеќе учиме, рече тој, толку повеќе и даваме шанса на нашата креативност и доаѓаме до нови идеи и до иновации кои не движат напред. - Мора да бидеме подготвени да изнаоѓаме функционални решенија и политики во глобалниот амбиент кој постојано се менува, нагласи Пендаровски. Програмата „Млади менаџери и деловни лидери“ се реализира преку соработка меѓу Кабинетот на Претседателот и Советот на странски инвеститори. Во неа учествуваат триесет и двајца млади лица и осумнаесет компании кои ги ставија на располагање своите капацитети за младите да имаат можност да стекнат нови, практични знаења. мс/              

Остани поврзан