• понеделник, 23 декември 2024

Пендаровски во посета на Oпштина Демир Хисар во рамките на проектот „Лице в лице со претседателот“

Пендаровски во посета на Oпштина Демир Хисар во рамките на проектот „Лице в лице со претседателот“

Скопје, 12 мај 2022 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски вчера ја посети Општина Демир Хисар во рамките на проектот „Лице в лице со претседателот“.

За време на посетата, претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, во селото Слоештица ја посети спомен-собата на големиот македонски писател Петре М. Андреевски, сместена во некогашниот Задружен дом, кој се реконструира и ќе прерасне во нов Мултифункционален центар. Претседателот Пендаровски беше запознаен со тековните работи на објектот, како и со плановите во спомен-собата, покрај дела од писателот Андреевски, да бидат изложени и негови лични предмети кои ги подари неговото семејство. Во селото Слепче, претседателот Пендаровски го посети манастирот„Св. Јован Претеча“, каде беше запознаен со историјатот на манастирот, кој меѓу другото, бил и значајно црковно и манастирско средиште на Охридската Архиепископија, а низ неговата богата историја оформил и богата библиотека со вредни ракописи и книги за богослужбена употреба. Денес манастирот ја продолжува издавачката дејност и творештвото на нова химнографија, а ја возобновува и резбарската школа со автентичен стилски израз. Сестринството се занимава и со сточарство, пчеларство  и земјоделство. Претседателот Пендаровски, во село Бабино, ја посети библиотеката „Ал-Би“, во приватна сопственост на Стево Степаноски. Библиотеката е резултат на 140-годишна семејна традиција во колекционерство. Најстарата книга е Арапски речник од 1307 година. Вкупно во библиотеката има над 20.000 наслови и брои 3.000 читатели од кои голем број видни академици, а има и членови од странство. Во состав на библиотеката има и етномузеј и амфитеатар на отворено. Во селото Слепче претседателот Пендаровски го посети домот на Гоце Трајчевски, кој е неодминливо место за посета од домашни и странски туристи. Тој дава и личен придонес за инфраструктурното уредување на целото село. Преку „Лице в лице со претседателот“, шефот на државата остварува неформални средби со граѓаните коишто на различен начин придонесуваат во локалната заедница и во општеството во целост. Целта на проектот е ваквите поединци да станат повидливи, истакнувајќи го нивниот труд и несебичен влог во работата. дма/лв/

Остани поврзан