• понеделник, 16 декември 2024

Пендаровски: Власта и опозицијата да излезат во пресрет на барањата на студентите

Пендаровски: Власта и опозицијата да излезат во пресрет на барањата на студентите
Скопје, 17 ноември 2022 (МИА) -  Претседателот Стево Пендаровски смета дека имаат основа барањата на студентите кои неделава преку протест и марш побараа подобрување на стандардот. Ги повикува и власта и опозицијата да излезат во пресрет на нивните барања. - Ова што го гледам, еден од предводниците на последните протести имаше коректна реченица - не би сакале да видиме политичари меѓу нас. Најдобриот начин да убиеш еден протест е да го обоиш политички или партиски. Во одредени случаи сме имало во Македонија порано и етнички и да го дисквалификуваш по таа основа. Во овој момент мислам дека треба и власта и опозицијата да се најдат,  гледаме дека и двете страни имаат предлози како да  излезат во пресрет на последната серија барања на студентите. Најдобро е тоа да го договорат во Парламентот и да не дозволат луѓе да мрзнат и да шетаат по улици и да се бунат, рече вечерва Пендаровски во гостување на ТВ 24. И да се 100-проценти организирани од која било политичка партија, посочи Пендаровски, мене ме интересира какви барања имаат и дали има основа нивното барање. - Од она што го гледам и слушам  има. Дајте да го адресираме тоа и да не се срамиме да немаат греење или не знам каква храна по студентските домови во 2022 година, порача претседателот. Тој, како што рече,  не би го пуштил своето дете да живее во студенстки дом, каде, вели, за жал не гледа дека системски се менуваат работите. -Мојот син е втора година на факултет во Скопје и има каде да преспива, меѓутоа не би го пуштил. Условите во студентскиот дом „Стив Наумов“ ги знам бидејќи 25 години живеам до тој дом. Беа грозни и одвратни уште тогаш, не гледам дека нешто суштински се променило, рече Пендаровски. Во однос на дојавите за лажни бомби во средните училишта посочи оти се надева дека надлежните органи час поскоро ќе го решат овој случај. Укажа дека се додека не се пронајде некој од испраќачите не може да тврдиме дека станува збор за хибридни закани. - Логиката е дека заради војната на европско тло во Украина, рускиот напад, инвазијата врз Украина, дека од руска страна и од ентитети кои се поврзаните со руската држава, пропагандата од тој тип, политичка пропаганда, лажни вести, хибридни закани, блокада ... се случуваат позачестено од февруари годинава. Мене логиката ме упатува на тоа или претпоставката ми е дека можеби  некој сака тоа да го искористи и да направи дополнителна паника особено во држава која е членка на НАТО и која од првиот ден ја поддржува Украина. Станува збор за дел од заканите кои доаѓаат однадвор и за кои е тешко да се утврди баш прецизно кому му припаѓаат. Ние нагаѓаме, но додека не видиме конкретно име и презиме, дури потоа може да бараме беграунд, дали е поврзан со некаква групација, поврзано со држава, рече Пендаровски.лв/вј/  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан