• среда, 27 ноември 2024

Пендаровски-Моран: Северна Македонија посветена на креирање на политики за одржлива и безбедна животна средина и адаптација на климатските промени

Пендаровски-Моран: Северна Македонија посветена на креирање на политики за одржлива и безбедна животна средина и адаптација на климатските промени

Скопје, 22 март 2022 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Дејвид Моран, регионален амбасадор на КОП26 за Европа, Централна Азија, Турција и Иран.

На средбата, како што соопшти Кабинетот на Пендаровски, беше разговарано за долгорочната стратегија на Северна Македонија за климатска акција, со цел превенирање на постоечките ризици и креирање на решенија за ублажување на негативните последици од климатските промени, како и за мерките кои се интегрираат во националните политики.

Пендаровски посочи дека во државата се подготвува Четвртиот национален план за климатски промени, ја реафирмираше подготвеноста и заложбите во насока на исполнување на целите од Парискиот договор и обврските преземени на Конференцијата за климатски промени на Обединетите нации (КОП26), што се одржа во Глазгов.

На средбата беше истакнато дека e потребно да продолжи преземањето мерки во борбата со климатските промени, како важна компонента на Целите за одржлив развој на Северна Македонија и во согласност со Рамковната конвенција на ОН за климатски промени, чиј потписник е земјава.

- Остануваме посветени на креирање на политики за одржлива и безбедна животна средина, подигнување на јавната свест и јакнење на институционалните капацитети за ублажување и адаптација на климатските промени, порача Пендаровски на средбата со амбасадорот Моран, посочувајќи дека еколошките политики, се во фокусот и на Рамката за развој „МКД2030“ што се изработува на иницијатива на претседателот.

Преку интегриран и усогласен пристап на надлежните институции, Северна Македонија останува посветена на унапредување на соработката со Обединетите нации, со цел ефикасно справување со климатските промени и проактивни политики за климатска акција, стои во соопштението од Кабинетот на претседателот Пендаровски. нд/дма/

Остани поврзан