Пезешкијан: Никогаш немавме намера да го убиеме Доналд Трамп
- Иранскиот претседател Масуд Пазешкијан изјави дека земјата никогаш не планирала да го убие новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.

Техеран, 15 јануари 2025 (МИА) – Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека земјата никогаш не планирала да го убие новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Во изјава за Ен-Би-Си Њуз тој ги негираше тврдењата на самиот Трамп и американското Министерство за правда изнесени за време на изборната кампања дека имало заговор на иранската елита за убиство на Трамп.
- Никогаш не сме се обиделе да го направиме тоа и никогаш нема да го направиме. Ова е уште една од оние шеми што Израел и други земји ја осмислуваат за да промовираат иранофобија. Иран никогаш не се обидел или планирал да убие некого. Барем колку што знам, изјави Пезешкијан.
На прашањето дали Иран е подготвен да вети дека нема да има обиди за атентат врз Трамп, Пазешкијан рече дека Иран никогаш не се обидел и никогаш нема да го направи.
Трамп, кој победи на минатогодишните избори во САД и ќе ја преземе функцијата на 20 јануари, преживеа два обиди за атентат за време на кампањата – еден во септември додека играше голф на својот домашен терен во Вест Палм Бич, Флорида, и друг во јули на митинг во Пенсилванија.
Инспекторите не пронајдоа докази дека Иран бил вклучен во овие обиди. јт/
Фото: МИА архива