• вторник, 24 декември 2024

Пезешкијан: Можни се директни разговори со САД доколку на дело докажат дека не се непријател на Иран

Пезешкијан: Можни се директни разговори со САД доколку на дело докажат дека не се непријател на Иран

Техеран, 16 септември 2024 (МИА) - Иран би можел да води и директни разговари со САД доколку Вашингтон „во пракса“ покаже дека не е непријателски настроен кон Техеран, изјави денеска иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, пренесоа британските медиуми.

-Ние не сме непријателски настроени кон САД, тие треба да го прекинат непријателството кон нас, покажувајќи ја својата добра волја на дело, рече Пезешкијан запрашан дали Техеран ќе биде отворен за директни разговори со САД околу обновувањето на нуклеарниот договор од 2015 година.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп го раскина тој договор во 2018 година, тврдејќи дека е премногу дарежлив кон Иран и ги обнови американските санкции против земјата, додека Техеран, како што потсетуваат британските медиуми, од своја страна почна постепено да ги крши ограничувањата од тој договор.

Откако ја презеде функцијата во јануари 2021 година, американскиот претседател Џо Бајден се обиде да поведе преговори за заживување на нуклеарниот договор според кој Иран треба да ја ограничи својата нуклеарна програма во замена за укинување на американските санкции, како и оние на ЕУ и ОН. И покрај тоа, Техеран одби директно да преговара со Вашингтон и тоа го правеше главно преку европски или арапски посредници.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан