• сабота, 23 ноември 2024

Паунов: Обид за грабнување две деца од основно училиште во Карбинци

Паунов: Обид за грабнување две деца од основно училиште во Карбинци

Штип, 5 декември 2023 (МИА) - Во ОУ „Страшо Пинџур“ во Карбинци утрово имало обид за грабнување на две деца од шесто и деветто одделение. Настанот го потврди градоначалникот на Карбинци Виктор Паунов, додека полицијата информира дека околу 09:30 часот во училишниот двор со патничко возило „голф“ дошло младо машко лице, кое според пријавеното, поканило ученичка да влезе во неговата кола за да одат на кафе. Таа, според полициското соопштение, веднаш се вратила во училиштето и пријавила кај директорката.  

-Во овој немил настан којшто се случил ова утро некаде после 9:30 часот имало обид за грабнување на две деца односно двајца ученици од ОУ „Страшо Пинџур“ овде во Карбинци. Она што го имам како информации од персоналот на училиштето и од распитот со инспекторите дека имало таков обид, се обиделе оние грабнувачи да ги воведат децата во возилото кое што влегло до почетокот на дворот. Безбедносните камери го имаат фатено возилото. Се работи на расчистување односно на утврдување на регистарската таблица на самото возило, изјави градоначалникот на Општина Карбинци Паунов. 

Тој апелира да нема вознемиреност кај родителите и на сите оние кои се движат во овој дел, но исто така упати апел и до МВР и до СВР Штип да биде зголемена бебзедноста на овој дел на Општина Карбинци, барем кај училиштата затоа што во последните години нема полициско обезбедување.     

Во полициското соопштение, пак се наведува дека денеска во 09:52 часот во СВР Штип од Основно училиште во Општина Карбинци е пријавено дека околу 09:30 часот во училишниот двор со патничко возило „голф“ дошло младо машко лице, кое според пријавеното, поканило ученичка да влезе во неговата кола за да одат на кафе, но таа веднаш се вратила во училиштето и пријавила кај директорката.

Полицијата соопшти дека се работи на расчистување на случајот. вдј/ев/

Фото: МИА 

 

Остани поврзан