• среда, 21 мај 2025

Пауновиќ: Моја амбиција е настап со Македонија на Европско првенство 2028

Пауновиќ: Моја амбиција е настап со Македонија на Европско првенство 2028


Скопје, 23 април 2025 (МИА) – „Активно работиме на реализирање на плановите за во иднина и моја лична амбиција е со Македонија да бидам учесник на Европското првенство во 2028 година“, најави селекторот на македонската женска одбојкарска репрезентација Стефан Пауновиќ, под чие водство националниот тим летово го очекуваат настапите во Сребрената Европска лига, како и реванш натпреварите со Грција и Австрија од квалификациите за Европското првенство 2026 година.
Селекторот Пауновиќ првиот собир на одбојкарките го закажа за 15 мај во Струмица кога ќе стартуваат подготовките за Сребрената Европска лига. Ова ќе биде втор пат во историјата женската селекција да е дел од ова натпреварување.
Македонија е домаќин на еден од првите турнири, кога од 30 мај до 1 јуни во салата „Парк“ во Струмица ќе ги пречека Луксембург и Швајцарија. Во вториот викенд нашата репрезентација ќе игра на Фарски Острови (6-8 јуни) против домаќинот и Австрија, додека третиот турнир, ќе се одржи од 13 до 15 јуни, повтороно во Струмица.
По завршувањето на настапот во Сребрената Европска лига, македонските репрезентативки повторно ќе се соберат на 20 јули во Маврово кога ќе почне темпирањето на формата за реванш натпреварите со Грција и Австрија за ЕвроВолеј 2026.
Македонија е домаќин на првиот натпревар со Грција, кој ќе се игра на 3 август во салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Евро-квалификациите дамите ги затвораат на гостински терен, во Хартберг, каде на 9 август играат со Австрија. По двата порази во првите меѓусебни натпревари со овие селекции, Македонија е без шанси за пласман на ЕП 2026.
Одбојкарската федерација на Македонија изминативе години посветено работи на развојот на женската одбојка, а од поставувањето на здрава основа се очекуваат резултати во иднина, што го потенцира и селекторот Стефан Пауновиќ.
„Чест и задоволство е што нашата заедничка приказна и мојата работа во женскиот национален тим на Македонија продолжува. Целта е да создадеме респектабилна репрезентација и да го достигнеме успехот на машката селекција“, посочи Пауновиќ во изјава за официјалниот сајт на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). ег
ФОТО: ОФМ

 

Остани поврзан