• понеделник, 23 декември 2024

Патиштата во Варшава поплавени по синоќешното невреме, сообраќајот парализиран

Патиштата во Варшава поплавени по синоќешното невреме, сообраќајот парализиран

Варшава, 20 август 2024 (МИА) - Патиштата во Варшава се поплавени по синоќешното невреме, невидено во последните 40 години. Полицијата ги повика возачите да не користат автомобили, туку само јавен превоз.

Во последните 24 часа во некои делови на Варшава наврнале 120 литри вода на метар квадратен, а на аеродромот Окенце се забележани 93,8 литри вода на метар квадратен. Тој аеродром е отворен, но приодните патишта се поплавени.

Претходниот рекорд - 69 литри на метар квадратен за 24 часа, беше забележан во јули 1987 година.

Количината дожд што наврна во Варшава во изминатите 24 часа врне во просек во текот на два месеци.

Водата поплави и еден од важните тунели, поради што сообраќајот во градот на источниот брег на Висла беше целосно парализиран, додека во другите делови беше тешко да се движи.

Полјаците масовно споделуваат слики од улици претворени во реки и заробени автомобили на социјалните мрежи.

Противпожарната единица утрината соопшти дека се испумпува вода на 70 места во градот и дека до вечер ќе биде повлечена доколку денеска нема дожд.

Градоначалникот на Варшава, Рафал Тшасковски ги пофали надлежните и апелираше граѓаните да ги остават возилата дома.

„Штом патиштата бидат проодни ќе почнеме со чистење на улиците и паркинзите. Да почекаме да видиме колкава е штетата. Потоа ќе зборуваме за обесштетување“, рече Тшасковски на прес-конференција. рп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан