Парламентот на Данска изгласа приклучување кон Европската агенција за одбрана
- Одлуката е донесена откако 30 години Данска одбиваше да учествува во одбранбената соработка во Европската Унија.
Копенхаген, 23 март 2023 (МИА) - Парламентот на Данска денеска изгласа поддршка за пристапувањето на земјата во Европската агенција за одбрана и Постојаната структурирна соработка, јави ДПА.
Одлуката е донесена откако 30 години Данска одбиваше да учествува во одбранбената соработка во Европската Унија.
Европската агенција за одбрана е основана во 2004 година со седиште во Брисел и ги покрива сите земји на ЕУ освен Данска. Агенцијата е координативно тело за заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ.
Постојаната структурна соработка е рамка која го олеснува организирањето на заеднички воени проекти во ЕУ.
- Една од првите работи во кои може да се вклучи Данска ќе биде доброволниот проект за соработка во одбранбената агенција за заедничка набавка на муниција за Украина, рече Тролс Лунд Поулсен, вршител на должноста министер за одбрана на Данска.
На референдумот минатата година, Данска го отстрани своето специјално правило кое ја исклучуваше од одбранбената соработка на ЕУ. Ова се случи откако Русија ја нападна Украина.
Поради ова правило, Данска, членка на НАТО, досега не учествувала во воените мисии на ЕУ или заеднички развој на оружје. Исклучувањето од одбранбената соработка беше услов за пристапување на земјата во ЕУ во 1993 година.