• понеделник, 16 декември 2024

Париз го повика Израел да се повлече од тампон зоната во Сирија

Париз го повика Израел да се повлече од тампон зоната во Сирија

Париз, 11 декември 2024 (МИА) – Франција го повика Израел да се повлече од тампон зоната воспоставена со Сирија и „да го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија“, соопшти денеска француското Министерство за надворешни работи.

„Секое распоредување на армијата во зоната на раздвојување меѓу Израел и Сирија е прекршување на договорот од 1974 година, што треба да го почитуваат потписниците Израел и Сирија“, соопшти Министерството за надворешни работи, по упадот на израелските сили во тампон зоната која се наоѓа на работ на Голанската висорамнина, а која Израел ја окупираше и анектираше.

Израел ја зазеде Голанската висорамнина од Сирија во Шестдневната војна во 1967 година и подоцна ја анектираше, што најголемиот дел од меѓународната заедница не го признава и смета дека територијата е окупирана.

Подоцнежниот договор за прекин на огнот создаде демилитаризирана тампон зона помеѓу териториите на двете земји и забранува воено присуство или активност на која било страна во областа.

Зоната е формирана по војната меѓу двете земји во 1973 година.

Силите на ОН имаат задача да го набљудуваат прекинот на огнот и демилитаризацијата (UNDOF).

Француското министерство потсетува дека треба да се зачува безбедноста на силите на ОН.

Од падот на Башар ал-Асад, пред три дена, Израел изврши стотици напади врз воени локации во Сирија за, како што соопшти израелската војска, да спречи тие да паднат во рацете на терористичките елементи.

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац вчера и нареди на армијата да формира зона без оружје и терористички закани на југот на Сирија.

Според претставник на ОН во Њујорк, кој сакаше да остане анонимен, израелските сили држат седум позиции во тампон зоната.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан