• среда, 27 ноември 2024

Папата Франциск сака да ја посети Турција по повод 1.700-годишнината од Соборот во Никеја

Папата Франциск сака да ја посети Турција по повод 1.700-годишнината од Соборот во Никеја

Рим, 28 јуни 2024 (МИА) - Папата Франциск изрази желба да ја посети областа Никеја во 2025 година по повод одбележувањето на 1.700-годишнината од првиот Вселенски собор.

„Тоа е патување што сакам да го направам со целото мое срце“, рече денеска папата, поздравувајќи ја делегацијата на Вселенската патријаршија од Константинопол, која е во Рим на празникот на светите Петар и Павле, основачите на Римската црква. 

Делегацијата на Католичката црква традиционално возвраќа со посета на Истанбул на празникот на Свети Андреј, за кого традицијата вели дека ја основал црквата во Константинопол, пренесува „Ватикан Њуз“.

Во своето обраќање до делегацијата, папата укажа на „длабоките врски“ кои ги обединуваат двете Цркви, како и на „цврстата определба за заеднички напредок“ кон обновување на единството меѓу нив.

„Дијалогот меѓу нашите Цркви не претставува ризик за интегритетот на верата, туку е неопходност што произлегува од нашата верност кон Господа, кој нè води до целосната вистина преку размена на дарови и под водство на Светиот Дух“, рече папата Франциск.

Тој ги повика источните православни цркви во своите молитви да ја следат и поддржуваат претстојната Света година „за да не изостанат изобилните духовни плодови“, истакнувајќи дека Господовиот пат „секогаш е пат на љубовта, помирувањето и милосрдието“.

Папата Франциск потсети на бројните средби со актуелниот вселенски патријарх Вартоломеј Први, особено на нивната средба во Ерусалим во 2014 година по повод 50-годишнината од историската средба меѓу папата свети Павле Шести и Атинагора Први. рп/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан