• петок, 05 декември 2025

Папата Лав Шеснаесетти го прими израелскиот претседател Исак Херцог во Ватикан (ДПЛ)

Папата Лав Шеснаесетти го прими израелскиот претседател Исак Херцог во Ватикан (ДПЛ)

Ватикан, 4 септември 2025 (МИА) – Израелскиот претседател Исак Херцог денеска во Ватикан се сретна со папата Лав Шеснаесетти и со политичкото раководство на Ватикан, барајќи од папата да помогне во напорите за ослободување на заложниците, еден ден пред 700-тиот ден од нивното заробеништво во Газа.

Како што јави Тајмс оф Израел, Херцог исто така информирал за односот кон христијаните во Светата земја и за ситуацијата во Газа.

Херцог „истакна дека 48-те мажи и жени кои сè уште се во заробеништво се во непосредна и сериозна опасност и повика на интензивирани меѓународни напори за нивно ослободување што е можно поскоро“, се вели во соопштението на Кабинетот на претседателот, додавајќи дека Херцог побарал од папата да се сретне со семејствата на заложниците.

Тие, исто така, разговараа за глобалната борба против антисемитизмот и „важноста од заштита на малцинствата на Блискиот Исток – особено христијанските заедници и заедницата на Друзите во Сирија“.

Кабинетот на Херцог информира дека се разговарало за „ситуацијата на христијанските заедници во Израел, на Западниот Брег и во Газа“, што веројатно се однесува на критиките од Католичката црква за израелската политика кон христијаните во Израел и на палестинските територии.

- Ова е многу важно и чувствително прашање, изјави Херцог по состанокот.

- Зборував за прекрасните заедници во Израел, за должноста и потребата да се заштитат, и ја повторив јасната посветеност на Израел за слобода на вероисповед, слобода на богослужба, и се разбира за развојот и заштитата на христијанските заедници во Светата земја, рече тој.

Ватикан го иницирал и прашањето за хуманитарната ситуација во Газа.

Според Херцог, ова прашање „силно одекнува во светските медиуми и секако влијае на односите на Израел со разни земји“.

- Ја опишав масовната израелска акција која моментално е во тек, а која значително ја промени ситуацијата, фактите и реалноста на теренот, додаде тој.

На состанокот присуствуваа и државниот секретар на Ватикан, Пјетро Паролин, и министерот за надворешни работи, надбискупот Пол Ричард Галагер.

- Самиот факт дека папата Лав XIV, кој штотуку ја презеде функцијата, го прими претседателот на Државата Израел во Ватикан е многу важна изјава, рече Херцог.

- Тоа ја покажува големата важност на односот меѓу Светата Столица и државата Израел, и секако со еврејскиот народ. Проблемите се исклучително чувствителни и значајни во овие денови, изјави Херцог и додаде дека Израел „би бил воодушевен“ да му биде домаќин на папата.

Опишувајќи ја средбата како „срдечна“, Ватикан соопшти дека за време на средбата на папата Лав XIV со претседателот Исак Херцог „посебно внимание“ било посветено на војната во Газа, и оти понтифот повикал „итно“ да се постигне траен прекин на огнот во Газ.

Според соопштението на Ватикан, папата изразил надеж за „брзо продолжување на преговорите, така што, со добра волја и храбри одлуки, како и со поддршка на меѓународната заедница, може да се оствари ослободување на сите заложници, итно да се постигне траен прекин на огнот, да се овозможи безбедно влегување на хуманитарна помош во најпогодените области, и да се обезбеди целосно почитување на хуманитарното право, заедно со легитимните аспирации на двата народа“.

Тој исто така истакнал дека „решение со две држави е единствениот излез од тековната војна.“

Папата ја покрена често чувствителната тема на односите помеѓу израелските владините институции и Католичката црква во Израел, „со посебно внимание на значењето на христијанските заедници и нивната посветеност, како локално, така и низ целиот Блиски Исток, кон човечкиот и социјалниот развој, особено во областите на образование, промоција на социјална кохезија и регионална стабилност“, соопшти Ватикан. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан