• вторник, 24 декември 2024

„Панта реи“ - изложба на скулптури од Марјан Стојаноски

„Панта реи“ - изложба на скулптури од Марјан Стојаноски
Скопје, 16 мај 2022 (МИА) - Во Салонот Империјал 2 во Културно-информативниот центар – Скопје вечер ќе биде отворена изложба на скулптури насловена „Панта реи“ од академскиот уметник Марјан Стојаноски. Во освртотза изложбата „Метал, време, космос, panta rhei…“ неговата колешка уметницата Мирјана Крстева Масети ќе посочи дека последното ликовно достигнување на академскиот скулптор Стојаноски насловено „Panta rhei“., содржи опус скулптури со современ призвук кој наликува на пат кон иднината, кон непознатото. - Идејниот израз на авторот е отелотворен визуелно во метал. Делата поседуваат динамизам, тие се асоцијативно- ротирачки формации кои претставуваат рефлекс од едно друго време, рефлекс од безвременоста, рефлекс од вселената. Кругот, неговата моќ и неговото симболистичко сфаќање раскажуваат за panta rhei. Феникс, повторно раѓање, издигнување од пепелта е наративно пораката што ја носи оваа изложба. Стојаноски е патник низ времето, тој волшебно ја менува својата стварност оставајќи траг кој сведочи за творечка физиономија создадена во духот на новото време, вели Крстева Масети. Марјан Стојаноски е роден во Прилеп во 1983 година. Средно образование завршува во уметничкото училиште „Лазар Личеноски" во Скопје. Дипломира на Факултетот за ликовна уметност во Скопје во класата на професорот Ибрахим Беди. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Во два наврати е претседател на Друштвото на ликовни уметници од Прилеп (ДЛУП) каде во 2015 година, ја добива наградата за скулптура „Јордан Грабул". Има реализирано голем број изложби, како самостојни, така и групни изложби. Живее во Прилеп, каде и работи во Центарот за Култура „Марко Цепенков". Изложбата  на Стојаноски во КИЦ-Скопје ќе биде отворена до 24 мај годинава. вг/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан