• недела, 22 декември 2024

Панел дискусија „Зајакната соработка во процесот на ЕУ интеграција преку Реформската агенда“

Панел дискусија „Зајакната соработка во процесот на ЕУ интеграција преку Реформската агенда“

Скопје, 2 декември 2024 (МИА) - Панел дискусија „Зајакната соработка во процесот на ЕУ интеграција преку Реформската агенда“ денеска ќе се одржи во Скопје во организација на Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје.

Националниот настан во Скопје е дел од серијата на национални настани во шест држави во Западен Балкан кои се реализираат во рамки на проектот „Патеки кон ЕУ интергација: Унапрдување на дијалогот за Планот за раст на Западен Балкан“. Целта на овој настан е да се дискутира потенцијалот за соработка во процесот на следење на имплементацијата на Реформската агенда, а преку неа и приближувањетo кон ЕУ интеграција.

На панелот најавено е учеството на Орхан Муртезани, министер за европски прашања и главен преговарач со Европската
Унија, Симонида Кацарска, директорка на Институт за Европска политика-Скопје (ЕПИ), на Андреј Петрески, член на Одборот на директори на Американската стопанска комора во Северна Македонија (АмЧам Северна Македонија) и на Силвана Мојсовска, професорка на Економскиот Институт при УКИМ.

Реформската агенда е дел од поширокиот План за раст на ЕУ за Западен Балкан за периодот 2024-2027 година со посебен фокус кон социо-економските реформи, владеењето на правото, борбата против коруцпцијата и независното судство. Преку Планот за раст се цели и кон зајакнување на Заедничкиот регионален пазар (CRM) и постепено интегрирање на регионот во Единствениот пазар на ЕУ. Неодамна, Европската комисија ја одобри Реформската агенда на Северна Македонија заедно со Реформските агенди на уште четири земји во регионот на Западен Балкан со што е овозможен пристап до финансиски средства од Фондот за реформи и раст на ЕУ кој треба да го поддржи трансфомрмативниот процес кон реформи за зајакнување на демократските институции, човековите права и подобра економска интеграција на Северна Македонија со ЕУ.

Успешната имплементација на Реформската агенда на Северна Македонија бара инклузивен пристап и инпут од сите засегнати страни се со цел нејзина успешна имплементација, а преку неа унапредување на економскиот потенцијал на државата. Во оваа насока неопходна е широка дискусија за Реформската агенда и воспоставување на потенцијал за соработка и активна вклученост на сите засегнати страни за успешни и одржливи реформи и за забрзување на процесот на ЕУ интеграција, наведуваат од ЕПИ. вг/ев/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан