• понеделник, 23 декември 2024

Панел-дискусија за Реформската агенда: Реформите функционираат само кога ќе се поврзат со секојдневниот живот на граѓаните

Панел-дискусија за Реформската агенда: Реформите функционираат само кога ќе се поврзат со секојдневниот живот на граѓаните

Скопје, 2 декември 2024 (МИА) - Реформите функционираат само кога ќе се поврзат со секојдневниот живот на граѓаните. Тие мора да создадат институции во кои луѓето имаат доверба, економии што генерираат можности и општества што се инклузивни и праведни, порача министерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ Орхан Муртезани, на денешната панел-дискусија насловена „Зајакната соработка во процесот на ЕУ интеграција преку Реформската агенда“.

Муртезани на панелот кој е национален настан во организација на Институтот за европска политика – Скопје (ЕПИ), посветен на унапредување на дијалогот за Планот за раст на Западен Балкан, во своето воведно обраќање, го потенцира значењето на Реформската агенда и разбирањето на реформските процеси како политичка потреба, но и, вели, како длабоко личен ангажман.

-Реформите се повеќе од стратешка неопходност - тие се мерило за нашата зрелост како држава. Тие ја отсликуваат нашата способност да изградиме отпорни институции, да обезбедиме ефикасно и транспарентно демократско управување и да демонстрираме на нашите граѓани дека посветените напори денес водат кон опиплив напредок и подобар квалитет на живот во иднина, истакна Муртезани.

Реформската агенда, според него, бара од нас да се справиме со долготрајните слабости во нашата јавна администрација, судскиот систем и регулаторните рамки. Но, нагласи тој, реформите не се само корекција на она што не функционира, туку тие претставуваат градење на култура на отчетност и одговорност, каде што управувањето се темели на доверба, инклузивност и ориентираност кон резултати што ќе го унапредат животот на граѓаните.

-Она што го прави Планот за раст особено моќен е неговата двојна функција: тој поттикнува економски развој, додека ја зајакнува динамиката на процесот на пристапување. За Северна Македонија, ова е особено значајно. Ветувањето за споделен просперитет преку интеграција на пазарот совршено се совпаѓа со реформите што ги спроведуваме, од модернизација на инфраструктурата до создавање средина каде што бизнисите можат да напредуваат. Но, би сакал да потенцирам: Планот за раст не е замена за реформите; тој е катализатор за подлабоки и поодржливи суштински промени.

За Северна Македонија, вели, предизвикот е да ги преточи овие амбициозни планови во реалност што ќе има одек на секое ниво, вклучувајќи ги унапредување на независноста на судството, подобрување на образовните стандарди или зајакнување на регионалната поврзаност.

-Затоа сметам дека реформите не се крајна цел, тие се континуиран процес. Тие бараат истрајност, трпение и цврсто уверување во моќта на промените. Патот на реформите не е линеарен ниту лесен и дефинитивно не е без моменти на фрустрација. Но, мора постојано да се потсетуваме зошто го следиме. Го правиме тоа затоа што веруваме во целта Северна Македонија која не само што ќе стане членка на Европската Унија, туку и држава која гордо ќе стои меѓу своите соседи, зајакната од трнливиот пат што го изодила и од лекциите што ги научила, вели Муртезани.

Симонида Кацарска од Институтот за европска политика кажа дека заедно со Министерството за европски прашања поддржани од фондациите на Отворено општство на ЗБ, ја започнуваат дискусијата за реформската агенда, која вклучува мноштво чинители.

-Целта ни е заедно со дел од стопанските комори, академската јавност, како и експертската и експертите да започнеме дискусија за тоа која како ќе се следи реформската агтенда, како ќе можеме останатите чинители да бидеме вклучени во истата, бидејќи ова е нов инструмент на ЕУ којшто се применува во државите членки според модалитети коишто се нови за регионот којшто пристапува. Всушност веројатно ова е еден од првите јавни настани на којшто очекуваме министерот за европски прашања да ги презентира клучните постулати, клучните елементи на самата агенда, меѓутоа секако и предизвиците коишто следат во однос на нејзиното имплементирање, рече Кацарска.

Агендата поставува јасни цели и индикатори коишто треба државата да ги исполни на секои шест месеци коишто ќе бидат клучни за исплата од страна на ЕК во однос на средствата од Планот за раст. Секако ова е нов модалитет поразличен од она што сме го имале претходно со инструментот за претпристапна помош, нагласи Кацарска. вг/аа/

Фото: МЕП

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан