• четврток, 26 декември 2024

Панел-дискусија за бугарското вето на нашите евроинтеграции: Преговорите со ЕУ не смее да станат основа на разнебитување на државноста

Панел-дискусија за бугарското вето на нашите евроинтеграции: Преговорите со ЕУ не смее да станат основа на разнебитување на државноста
Скопје, 20 јуни 2022 (МИА) - Македонската држава никогаш не смее да поддржи преговарачки процес со ЕУ, кој ќе стане основа на разнебитување на нашата државност, загрозувајќи ја внатрешната и регионалната стабилност со несогледливи последици, сметаат од Институтот за демократија (ИДСЦС) и Институтот за европска политика (ЕПИ), кои денеска го презентираа документот „Бугарското вето на македонските евроинтеграции: Какво јаболко може да загризе Македонија?“. Тие наведуваат дека за „македонските црвени линии“ е недозволиво внесување механизам за следење или спроведување на Договорот со Бугарија во преговорите со ЕУ преку Преговарачката рамка. Според нив, Бугарија мора да се обврзе дека нема дополнително да отвора нови прашања и дека македонскиот јазик треба да е без какви и да е додавки. Оттаму наведуваат дека не смее да се прифати менување на Уставот, како услов за почеток и тек на преговорите, а бугарската страна треба експлицитно да го признае македонскиот идентитет. Дел од „црвените линии“ треба да е и оневозможување на злоупотреба на историското минато за етнополитички цели, како и спречување на говорот на омраза од двете страни, гарантирајќи ја слободата на изразување. Како последна „црвена линија“ тие ја наведуваат работата на Историската комисија, која, според нив, треба да е ослободена од диктат и без ограничување со рокови. По воведните обраќања на настанот на кои директорката на ЕПИ, Симонида Кацарска, и претседателот на ИДСЦС, Марко Трошановски, ја образложија содржината на документот и неопходноста од придржувањето кон него, се одржа Панел-дискусијата на која се обратија поранешниот вицепремиер задолжен за европски прашања и министер за надворешни работи Никола Димитров, претседателот на Паневропското граѓанско движење, Марјан Ѓорчев и директорката на Институтот за општествени хуманистички науки, Катерина Колозова. Поранешниот вицепремиер Димитров во излагањето истакна дека го прочитал „францускиот предлогот“, кој, како што рече, во петокот попладне им бил поделен од Париз до останатите земји членки на ЕУ. - За нас оваа работа не е нешто ново, бидејќи, за жал, имаме искуство со спорови. Такво беше прашањето со Грција. Меѓутоа, и во овој македонско-бугарски чвор имавме работа со серија на претседателства - германско претседателство, кое што изготви предлог врз основа на размена на аргументи во Берлин за кои што си подадовме рака во нивно присуство, меѓутоа, подоцна бугарската страна се премисли, па португалското претседателство, чиј предлог беше на некој начин преземен и од словенечкото претседателство и еве сега стигнуваме до францускиот предлог, истакна Димитров. Според него, комплексноста на бугарската политичка сцена, исто така, влијае на процената дека во Софија има многу малку простор за какво било придвижување, но исто така и сигналите што ние ги испраќаме. - Мора да престанеме да даваме сигнали дека сме толку очајни што ако уште малку издржат Бугарите со ветото ќе добијат сто проценти. Мора да даваме сигнали дека ветото штети, посочи тој. Директорка на Институтот за општествени хуманистички науки, Катерина Колозова, на панелот истакна дека клучно е градењето впечаток на доверба или соработката на поединци кои си веруваат. - Во смисла на конкретни препораки, предлагаме комплетно „сајдланирање“ или укинување на историските комисии. Предлагаме во протоколот кој треба да постои, а не постои - внимавајте, протоколот што се спомнува во францускиот предлог не постои. Тоа е протокол за имплементација на договорот, ние за таков протокол не сме се договориле со Бугарија, значи францускиот документ сам претпоставува дека во еден миг ќе има протокол како што има протокол и за Преспа, како секој нормален договор што има протокол, рече таа. Колозова дополни дека една година пред постигнување на Преспанскиот договор беше создадена поволна клима на дијалог, каде што, како што рече, „секоја страна ги кршеше табуата и го кажуваше тоа што можеби изгледа непристојно за сопствената или за другата страна, но се направи дијалог на доверба кој помогна да се дојде до некакво решение“. Претседателот на Паневропското граѓанско движење, Марјан Ѓорчев истакна дека нашиот приод кон преговорите со Република Бугарија е погрешен веќе 31 година. - Од 15 јануари 1992 година ние премолчуваме, ние на некој начин сме во подредена состојба, на нивното фалбаџиско дека тие први нè признале, никогаш не им одговараме со тоа да, но тоа претставува вашата теза дека Македонија е бугарска земја, затоа нè признавате, не го признавате македонскиот јазик и македонската нација, посочи тој. Според него, тука е основниот проблем и, како што рече, така и „понатаму продолживме“. - Секоја Влада - ад-хок стратегија, секоја влада - политички го третираше проблемот со политичка интерпретација, а проблемот не е политички, проблемот е на јазикот, идентитетот, културата, проблемот е во историјата, посочи тој. Ѓорчев смета дека многу бегло пристапуваме кон преговорите, исклучиво политички и секогаш го гледавме проблемот дека можеме да направиме политичка интерпретација на сите овие клучни работи кои што „претставуваат есенција на Македонија“. Според ИДСЦС и ЕПИ, исклучително раното внесување на бугарската заедница во Уставот, што би можело да се искомплицира во текот на преговорите, начинот на кој тоа ќе биде толкувано од страна на Бугарија, како и механизмите што се вградени во тековниот неофицијален „предлог“ на француското претседателство се дел од клучните ризици во документот. Од денешниот настан тие побараа Собранието уште денеска да свика седница за „францускиот предлот“. ар/сп/

Остани поврзан