Панама во ОН го предупреди Трамп дека не треба да се заканува со употреба на сила
- Панама ги предупреди Обединетите нации за коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп за време на неговиот говор на инаугурацијата, кога вети дека САД ќе го вратат Панамскиот канал.
Њујорк, 21 јануари 2025 (МИА) - Панама ги предупреди Обединетите нации за коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп за време на неговиот говор на инаугурацијата, кога вети дека САД ќе го вратат Панамскиот канал.
Во писмото до организацијата, постојаниот претставник на Панама во ОН, Елој Алфаро де Алба, истакна дека според Повелбата на ОН, земјите „ќе се воздржат во нивните меѓународни односи од закана или употреба на сила против територијалниот интегритет или политичката независност на која било држава“.
Писмото е адресирано до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, со копии до 15-члениот Совет за безбедност. Панама ќе биде член на Советот, кој е задолжен за одржување на меѓународниот мир и безбедност, во 2025. и 2026 година.
Трамп вчера ја повтори својата закана од пред неговата инаугурација дека ќе ја врати американската контрола врз каналот и ја обвини Панама за прекршување на ветувањата што ги даде кога конечно го префрли стратешкиот воден пат во 1999 година, како и за пренесување на неговото владеење со Кина - наводи што панаската влада категорично ги отфрла.
-Не и дадовме на Кина. Го дадовме на Панама и го враќаме назад, рече Трамп неколку минути откако положи заклетва за вториот четиригодишен мандат.
САД го изградија најголемиот дел од каналот и со децении управуваа со територијата околу него. Сепак, САД и Панама склучија два договори во 1977 година кои го отворија патот за враќање на каналот. Вашингтон и го предаде на Панама во 1999 година по период на заедничко управување. мс/
фото: МИА архива