• вторник, 24 декември 2024

Палестинците бегаат од главната болница во Газа додека борбите се интензивираат

Палестинците бегаат од главната болница во Газа додека борбите се интензивираат

Деир ал Балах, 8 јануари 2023 (МИА) - Лекарите, пациентите и раселените лица бегаат од болницата Ал Акса во Газа додека борбите меѓу израелската армија и палестинските милитанти се интензивираат.

Лекари без граници и другите хуманитарни групи се повлекоа од болницата во Деир ал Балах во последните денови, велејќи дека ситуацијата станува премногу опасна, што предизвика паника кај народот и поттикна многумина да им се придружат на стотиците илјади што избегаа на југ од опколената територија.

Десетици илјади луѓе побараа засолниште во болниците во Газа, кои исто така се борат да им помогнат на десетици луѓе ранети секој ден од израелските напади.

Според ОН, само 13 од 36-те болници во Газа функционираат делумно.

Генералниот секретар на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус рече „дека крвопролевањето во Газа мора да заврши“.

СЗО доцна во неделата соопшти дека не можела да испорача залихи во северниот дел на Газа веќе 12 дена.

„Тешкото бомбардирање, ограничувањата на движењето и нарушените комуникации го прават речиси невозможно редовното и безбедно доставување медицински материјали низ Газа, особено на север“, се вели во соопштението.

Според податоците на Министерството за здравство во Газа, од почетокот на војната досега загинале околу 22.000 Палестинци, додека над 58.000 се ранети. паг/

Фото: Икс

 

 

Остани поврзан