• среда, 27 ноември 2024

Палестинските власти работат со САД на создавање повоен план за управување со Газа

Палестинските власти работат со САД на создавање повоен план за управување со Газа

Рамала, 8 декември 2023 (МИА) - Палестинската управа работи со претставници на САД на план за управување со Појасот Газа по завршувањето на војната, објави Блумберг Њуз, повикувајќи се на изјава на палестинскиот премиер Мохамед Ибрахим Штаје.

- Преферираниот исход од конфликтот би бил исламистичката група Хамас, која го контролира Појасот Газа, да стане соработник под раководство на Палестинската ослободителна организација (ПЛО), помагајќи да се изгради нова независна држава која ќе го вклучи Западниот Брег, Газа и Источен Ерусалим, рече Штаје во интервју за Блумберг Њуз.

„Ако тие (Хамас) се подготвени да постигнат договор и да ја прифатат политичката платформа на ПЛО, тогаш ќе има можност за разговори. Палестинците не треба да се делат“, рече Штаје, додавајќи дека целта на Израел целосно да го порази „ Хамас “ е нереална.

Израел вети дека ќе го уништи палестинското движење Хамас, поддржано од Иран, откако исламистичките милитанти извршија серија напади врз градови и кибуци во јужен Израел на 7 октомври, при што убија 1.200 луѓе и земаа околу 240 заложници.

Откако Израел започна одмаздничка воена акција како одговор на прекуграничниот напад, најмалку 17.170 Палестинци се убиени, а над 46.000 се ранети, според Министерството за здравство на Газа. ссм/

фото: архива

Остани поврзан