• петок, 05 декември 2025

Палестинскиот потпретседател: Резолуцијата на ОН е важен чекор кон прекинување на окупацијата

Палестинскиот потпретседател: Резолуцијата на ОН е важен чекор кон прекинување на окупацијата

Рамала, 12 септември 2025 (МИА) - Гласањето во ОН за резолуцијата во корист на оживување на мировното решение за две држави за израелско-палестинскиот конфликт претставува „важен чекор кон прекинување на окупацијата“, изјави вечерва палестинскиот потпретседател Хусеин ал-Шеик.

-Го поздравувам усвојувањето на резолуцијата на Генералното собрание на ОН за спроведување на мировното решение за две држави и воспоставување независна палестинска држава, напиша Шеик на платформата „X“.

Според него, резолуцијата ја изразува меѓународната волја во корист на правата на палестинскиот народ и претставува важен чекор кон прекинување на окупацијата и реализација на независна држава со Источен Ерусалим како главен град.

Генералното собрание на ОН денеска со големо мнозинство ја усвои „Њујоршката декларација“ чија цел е давање нов импулс на решението за две држави за Израел и Палестинците, но недвосмислено исклучувајќи го Хамас.

Иако Израел речиси две години го критикува неуспехот на Генералното собрание на ОН и Советот за безбедност на ОН да ги осудат невидените напади од страна на палестинското движење на 7 октомври 2023 година, текстот подготвен од Франција и Саудиска Арабија, а усвоен со 142 гласа „за“, 10 „против“ (вклучувајќи ги Израел и САД) и 12 „воздржани“, е јасен.

„Ги осудуваме нападите извршени од Хамас на 7 октомври врз цивилите“ и „Хамас мора да ги ослободи сите заложници“ држени во Газа, се наведува во текстот. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан