• понеделник, 23 декември 2024

Пакети со храна од „Костал Македонија“ за 50 социјално загрозени семејства од Охрид и Дебрца

Пакети со храна од „Костал Македонија“ за 50 социјално загрозени семејства од Охрид и Дебрца

Охрид, 30 октомври 2024 (МИА) – Хуманитарни пакети со прехранбени производи денеска им беа доделени на 50 социјално загрозени семејства од Охрид и Дебрца, обезбедени како донација на компанијата „Костал Македонија“.

Станува збор за активност реализирана преку Општинската организација на Црвениот крст, во рамки на кампањата за Недела на борба против гладта спроведена од 16 до 22 овој месец.

Претседателот на охридскиот Црвен крст, Сашо Точков, истакна дека во рамки на акцијата се собрани доста голем број производи и финансиски средства така што распределбата на изготвените хуманитарни пакети ќе продолжи и наредните петнаесеттина дена.

- За среќа имавме голем одзив и на охриѓани, но и на дел од компаниите. Една од нив е и ‘Костал Македонија’ којашто издвои одредена количина на прехранбени производи од која беа направени хуманитарните пакети. Изразуваме благодарност до нив од името на сите кои ја добија донацијата и кои ќе ја добијат во своите домови. Благодарност за нивната висока општествена одговорност и соработката која ја имаме не само за оваа намена, туку и за други активности, рече Точков, кој истакна дека во рамки на оваа и слични кампањи не се собира само храна, туку и финансиски средства, лекови за најразлични потреби на граѓаните. 

Тој упати апел до компаниите не само да се вклучуваат во акциите на Црвениот крст со помош туку и да се охрабрат да вклучат членови на социјално ранливи семества во работниот процес каде е тоа можно.

Директорот на „Костал Македонија“, Виктор Мизо, од своја страна посочи дека компанијата подолг временски период се труди да задоволи дел од потребите на ранливите категории граѓани и жители на Охрид.

- Континуирано на еден или друг начин се трудиме да донираме средства, опрема, понекогаш и храна за ранливите категории на граѓани, за да на еден или друг начин им се помогне. Би апелирал, не само ние како компанија, понекогаш и само нашите вработени, но и сите жители на градот да помогнат во рамки на своите можности на овие луѓе кои може немаат и соодветен покрив над главата, да им помогнеме да можат да преживеат, да го скрпат месецот, да се облечени, прехранети и да можат на еден или друг начин во иднина да се вратат во нормалните општествени текови, дали со добивање на редовен работен однос и можноста да се самоиздржуваат за да не мора да зависат од вакви донации, рече Мизо.

Во рамки на кампањата по повод Неделата на борба против гладта за наредниот месец со едномесечна помош ќе бидат обезбедени преку 170 семејства. Инаку, преку Црвениот крст од Охрид во текот на целата година со помош се опслужуваат повеќе од 500 семејства што се во социјален ризик. аб/лв/

фото/Црвен крст Охрид

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан