• вторник, 24 декември 2024

ОЈО Скопје привршува со изведување докази во предметот за измама во приватната клиника „Жан Митрев“

ОЈО Скопје привршува со изведување докази во предметот за измама во приватната клиника „Жан Митрев“

Скопје, 4 април 2024 (МИА) - Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека надлежниот јавен обвинител е во завршна фаза со изведување на обемниот доказен материјал во предметот за кривично дело „измама против сопственик на приватна здравствена установа и против клиниката“. Во текот на доказната постапка, како што е наведено во соопштението, Обвинителството изведе материјални и вербални докази, мислења на стручни авторитети, како и докази за јавни настапи со кои обвинетиот лажно ги презентира фактите во однос на употребата на хемофилтрацијата.

-Во текот на изведувањето на доказите, Обвинителството беше и останува воздржано во однос на јавно пласираните целосно лажни информации за текот на судската постапка, цврсто држејќи се на ставот дека своите аргументи ќе ги изложува единствено во судницата, со максимално почитување на Законот за кривична постапка, велат од ОЈО Скопје.

Меѓутоа, како што е наведено во соопштението, од почетокот на судскиот процес, преку медиуми во кои како огласувач се јавува обвинетото правно лице, се забележуваат обиди да се врши притисок врз сведоците и врз предметниот јавен обвинител со цел да се дискредитира обвинението кое е поткрепено со докази во однос на сите елементи на кривичното дело кое се става на товар на обвинетите.

-Наведените објави се неверодостојни, односно не одговараат на вистинскиот тек на судската постапка и на содржината на исказите дадени пред судот, а дел од сведоците реагираат дека им предизвикуваат вознемиреност и ги чувствуваат како форма на притисок, истакнуваат од ОЈО Скопје.

Поднесениот обвинителен акт во овој предмет, како што се додава во соопштението, веќе ја помина првата проверка на Судот во однос квалитетот и дозволеноста на предложените докази и во целост беше одобрен од судијата за испитување на обвиненија.

-Во тековни постапки кои се уште не се завршени и кога се уште се испитуваат сведоци и оштетени, важно е јавноста да биде објективно информирана. Одговорноста за изнесување ставови во врска со текот на судска постапка е уште поголема за претставници од стручната правна фела, кои во конкретниот случај коментираат и заземаат став во корист на обвинетиот со произнесување околу докази кои се уште не се изведени пред Судот, а без притоа воопшто да присуствуваат на судските рочишта, истакнуваат од скопското Обвинителство.

Оттаму посочуваат дека еден дел од ваквите објави содржат директни навреди и обиди за дискредитација на надлежниот јавен обвинител што заедно со многубројните обиди на одбраната за одолговлекување на постапката, само укажува на силата на доказите изведени до сега пред Судот.

-Основното јавно обвинителство Скопје е целосно уверено дека намерното лажно претставување на исказите на сведоците и отворените јавни притисоци во овој предмет нема да влијаат врз исходот на постапката и дека судот ќе донесе мериторна одлука врз основа на изведените докази. Следното судско рочиште е закажано за понеделник, 8 април, се наведува во соопштението. дма/аа/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан